spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски: Покачивме плати и пензии, растат инвестициите, платите одат кај граѓаните!

Ковачевски: Покачивме плати и пензии, растат инвестициите, платите одат кај граѓаните!

Во услови на една од најголемите светски кризи во Европа, Владата успеа да ги заштити егзистенцијата и стандардот на граѓаните од енормните поскапувања на храната и на струјата, предизвикани од светската, економско-енергетска криза и војната која се води во Украина.

Ги зголемивме минималната плата, просечната плата и пензиите. Помогнавме на компаниите да ги задржат вработените. Во кризната 2022-ра година за целиот свет, ние имаме и нови инвестиции во државата, со новоотворени работни места“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува денеска и утре во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

„Ја зголемивме минималната нето плата, во март 2022 година на 18.000 денари месечно. Тоа е за 3.000 денари повисока минимална плата, од претходната година во април, кога изнесуваше 15.000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, што ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20.200 денари.

Покачена е и просечната нето плата, на 33.000 денари во месец ноември 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е за 4.000 денари повеќе од претходната година во истиот месец, кога изнесуваше 29.000 денари.

Покачувањето на минималната плата, извесно ќе влијае и на понатамошно зголемување на просечната плата.Пензиите, во 2022 година пораснаа за 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година.

Реков дека носевме и краткорочни, но и системски мерки, така што во оваа 2023 година следува ново покачување на пензиите, според новата методологија на пресметка, којашто предвидува усогласување на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата.

За една календарска година, со ова покачување, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти. Со ова системско решение, ги осигуравме пензионерите – никогаш никој повеќе да не си поигрува предизборно со нив, бидејќи растот на пензиите го загарантиравме со закон“, соопшти премиерот Ковачевски, кој рече дека овој инклузивен начин на работа е применет и при покачување на платите во одбраната (над 2.000 денари); во полицијата (за нови 5 проценти); на лекарите (за 5 нови проценти, со што основната плата на лекарите специјалисти за 4 години е зголемена за 40 проценти); на сите 25.000 наставници во основните и средните училишта (за 15 проценти); на судските, јавно-обвинителските службеници и на затворската полиција (за 15 проценти), а најави и пораст на платите во високото образование.

 

 

„Владата скрати од непродуктивните трошоци и во услови на најголемата криза во светски рамки, успева редовно ги сервисира обврските кон сите граѓани и кон стопанството“, посочи премиерот Ковачевски.

„ Во 2022 година, една од најкризните години во Европа, фактите покажуваат дека имаме рекорден износ на странски директни инвестиции – 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.

Со цел, ние како држава да ги помогнеме компаниите, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании кои вработуваат над 27.000 работници. Потпишани се минатата година нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот.

Само во 2022 година, повратот на ДДВ изнесува над 727 милиона евра, што е и највисок поврат на ДДВ кон стопанството од независноста на државата до денес. Со ова, дополнително ја поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите и го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните од 1800 денари на 2100 денари по тромесечие. Со овој штедлив и одговорен начин на работа и фокус кон потребите на граѓаните, ги донесовме навреме и антикризните мерки.

Пакетот антикризни мерки во висина над 760 милиони евра, е оценет како најголема државна помош во регионот, според податоците на Светската Банка“, укажа премиерот Ковачевски.

„Во годината зад нас, што се совпаѓа со годишнината од мандатот на оваа Влада, можевме многу лесно да бараме оправдувања зошто нешто не може. Или, можевме да се водиме од тоа како нешто може: како да направиме, да подобриме, да унапредиме. И ние одлучивме токму вака да работиме.

Ќе одговорам на некои коментари дека: растат платите, пензиите, инвестициите, државната помош, но, што тоа значи кога има и повисоки трошоци за живот. За сите тие кои ја добиваат државната поддршка, ова навистина им значи.

Бидејќи реални беа предизвиците и да ја нема државната помош, ако се земе предвид дека во развиени држави во светот се случуваат затворања на фирми и масовни отпуштања од работа, во време на светската криза.

Овие постигнувања што ги посочив, се случуваат и во споредба со години кога во државата немало последици од светска економска криза. Но, тогаш парите одеа во стиропор, во врби, во палати, во Белизе. Денес парите одат кај граѓаните.

Сите овие факти се доказ за тоа. И затоа, добро би било, кога некој носи одлука дали и колку напредуваме како држава – да  тргне од тоа – во однос на што е направена разликата, во однос на тоа како се прави споредбата минатата, оваа година споредена со години во минатото.

Пред нас е година на нови можности, за кои напорно работевме и за кои создадовме предуслови во текот на минатата година. Возможни се и потребни се нови чекори напред, за секого во нашата татковина. Можеме да имаме достоинствен квалитет на живот, според европски стандарди.

Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа“, порача премиерот Ковачевски во денешното обраќање на годишната конференција што се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Карпош: Реконструирани три краци од улицата „Скупи“

0
Деновиве се одвиваше завршната фаза од градежните активности при што беа реконструирани трите краци од улицата „Скупи“ која се наоѓа во населеното место Злокуќани....