spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски: Обезбедуваме стабилност, сигурност, економски раст и продолжување на европскиот пат со...

Ковачевски: Обезбедуваме стабилност, сигурност, економски раст и продолжување на европскиот пат со новото парламентарно мнозинство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија достави предлози за разрешување членови на Владата и за разрешување заменици министри, како и за избор на нови членови на Владата и за именување заменици министри.

Премиерот Ковачевски, во обраќањето на почетокот на парламентарната седница, посочи дека со владината реконструкцијата се зголемува парламентарното мнозинство, за да се продолжи по патот на прогресот.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денес пред нас е посебна седница. Седница на која донесуваме крупни одлуки.

Иако денес имаме седница на која треба доминантно да разговараме за персонални и кадровски решенија, сакам на почетокот јасно да кажам.

Прво, за мене, оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња.

Денешните одлуки не се мотивирани од тесно-партиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните!

За мене, овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите, мотивите и барањата на било кое партиско раководство!

И затоа, веднаш на почетокот сакам да прецизирам!

Денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата!

Дали ќе останеме на патот на прогресот, дали ќе останеме на патот на развојот, на стабилноста и извесноста, на економијата, на енергетиката, на животниот стандард и безбедноста на граѓаните!

Или, како што сакаат дел од внатрешните и надворешните негативни фактори, да ја втурнеме државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред!

Јас од самиот почеток изборот го направив!

И тогаш, пред една година, и во цела 2022 година и денес, ни милиметар немам намера и нема да отстапам од тој правец!

Точно знам што правиме и што треба да направиме, точно знаеме да разликуваме добро од лошо, точно знам да направам разлика од заедничкото и личното, точно знам што е државен и национален интерес, а што лични партиски, бизнис или профитерски интереси!

И не калкулирам и не се грижам за личниот рејтинг и не тактизирам за дневни потреби!

Секогаш, во било кое време и ситуација, го бирам и на прво место го ставам државниот и националниот интерес, интересот на граѓаните и државата!

Од денот како станав премиер, како личност со најмногу обврски и одговорности, реков дека во Владата секогаш ќе има отворена врата за сите партии и личности кои сакаат и знаат да работат за европска сегашност и иднина на државата!

На тој начин, успеавме да се справиме и да се справуваме со најтешката криза, безбедносна, енергетска и инфлаторна, во повоената Европа!

И со многу труд, работа, мака, знаење успеавме да имаме 40% зголемено домашно производство на електрична енергија, да имаме најниска цена на сите енергенси во регионот, да ја стабилизираме инфлацијата, да инвестираме во енергетска зелена трансформација на државата, да инвестираме во капитални инвестиции, во зголемено производство на прехранбени земјоделски производи!

Така успеавме да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме рекордно минималната и просечната плата, да ги зголемиме пензиите! Да направиме системско решение за и платите и пензиите постојано да растат.

Или кратко, во услови на криза да постигнеме напредок! Кога сите мислеа дека ќе тонеме, ние успеавме да се задржиме и да се кренеме!

Најважно од се, на сите обиди за внатрешна и надворешна дестабилизација, ние успеавме да постигнеме стабилност, ред и да го задржиме правецот!

Тоа се успеа со конечен почеток на преговорите со Европската Унија и со активна соработка со стратешкиот пријател, Соединетите Американски Држави!

И затоа, постојано ја потенциравме потребата од задржување, зацврстување и проширување на Европскиот Фронт! Со сите кои мислат и работат за добро на државата и граѓаните, без разлика дали се од владејачкото мнозинство или опозицијата!

Да, јас и ние, понудивме рака и начин за соработка за овие стратешки правци и интереси на граѓаните! Бидејќи кога е тешко, кога е криза, кога имаме потреба за стабилност, потребно е сите да се заедно, да работиме за заедничките и државните интереси!

Во вакви времиња, не смееме да дозволиме најважниот разговор да е за позиции, фотељи, директори, едни или други имиња! Сега повеќе од било кога, не смее да биде предмет на пребројување по партиска, етничка или било која друга припадност!

Сега е време за врвните интереси на државата и граѓаните да бидеме сплотени и координирани, да работиме за себе дома и на одговорен начин да покажеме дека Македонија е наша заедничка одговорност и обврска!

А за разликите и понудите, ќе мерат, судат и одлучуваат граѓаните, на избори, тогаш кога ќе дојде редот, следната 2024-та година!

Јас така гледам на работите и јас така работам!

За мене политиката не е математика! За мене политиката не е збир на позиции, функции и собирање, одземање, множење или делење!

За мене политиката е одговорност, вредности, принципи и обврски!

Јас не тргнувам од себеси, туку секогаш тргнувам од интересите на државата.

Но, и граѓаните и државата не можат без стабилност, извесност, функционалност, ред и поредок, правец и јасна сегашност и иднина!

Јас не смеам да дозволам да направиме ситуација во која граѓаните ќе се будат и живеат дневно во неизвесност, грч и размислувања, дали ќе не биде или не, дали ќе има плати и пензии, струја и храна и дали ќе се движиме кон неред и хаос!

Ни на крај памет не ми паѓа да дозволувам таква ситуација! А верувајте ми, таква држава сакаат многу! И од внатре и од надвор! Има луѓе и структури, кои сакаат хаос, затоа што така најлесно функционираат! Научени да крадат, да не работат, да ловат во матно и потоа да бегаат надвор, со пари на странски сметки, со фамилии во странство!

Е тоа го прават ВМРО-ДПМНЕ и нивните инструктори од Левица! Блокади на закони, кочници на сите страни, странски антидржавни интереси, хаос и безредие, навреди и ефтин антидржавен популизам!

Е тоа не бива. Тоа нема да се случи!

Во изминатиот период иницирав разговори за проширување на Европскиот Фронт, со сите политички партии! Не да дадат поддршка на мене, не на СДСМ, туку на државата и граѓаните! Тоа беше и сѐ уште е, до крај, мојот единствен мотив! Понудив задржување и проширување на парламентарното мнозинство заради тие политики и заради ништо друго!

Понудив соработка за овој прогрес и до македонската опозиција, за национално и државно обединување, на конкретен начин, за побрз и посилен европски прогрес на државата! За заедничко и цврсто задржување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет насекаде! На начин, како што успеавме да го направиме вековниот македонски јазик и историски идентитет рамноправен со сите европски нации, така да продолжиме и понатаму! На тој начин го потпишавме и договорот ФРОНТЕКС, за којшто, за жал, вие не гласавте денес.

За жал, македонската опозиција продолжи да стои во деценискиот филм на криминал, борба за фотељи, ефтин и опасен популизам и растурање на македонското ткиво! Јас за тоа можам искрено да жалам, а граѓаните и историјата ќе судат! Од тоа бегање нема!

Целосно е јасно и познато дека со ситни души и политиканти, држава ниту се прави, ниту се води!

Но, секој со својата одлука!

Јас и ние го избравме патот да обединуваме, да интегрираме, да се собереме за најважните интереси на државата и граѓаните!

За сето останато, ќе бидеме и останеме политички конкуренти!

Не да бидеме политички непријатели!

Да ја имаме пред себе државната цел и да ја пишуваме заедничката историја! А за избори и политика има време и место!

Разговаравме во изминатиот период и за останување на Алтернатива и за влез на Алијанса на Албанците во Владата!

Алијанса за Албанците ја прифатија одговорноста за поддршка на Европскиот Фронт!

Место има за сите, ако се сака и ако се прифатат надпартиските интереси!

Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат!

Место има за сите добронамерни и поддржувачи на Европската иднина на државата!

Како што кажав и на почетокот, бројот и видот на позициите се второстепени! Прво и единствено важно, за што треба да сме заедно и што ќе постигнеме и сработиме се државните интереси.
Навистина жалам што во овој процес, Алтернатива ја донесе својата сопствена одлука за излегување од Владата. Сакам да се заблагодарам за досегашната соработка и уште еднаш, јавно и искрено, да ја повторам мојата заложба и решеност за заедничка соработка, во форма и начин, којашто ќе значи целосна поддршка на европскиот пат!

За перформансите на сите нивни министри имам свое мислење, како што за истото, мислење имаат сите граѓани! Во сите ресори има прогрес и успеси, како што има и проблеми и потреба за многу повеќе! Има и резултати, но има и грешки, кои мора да се констатираат и корегираат!

Но, сето тоа мора да биде направено низ објективен процес, без поделби на наши и ваши, без поделба на Македонци или Албанци, бидејќи и успехот и грешките имаат име и презиме!

Само државните и граѓанските интереси мора да бидат над сите партии и партиски поранешни, сегашни или идни функционери!

И затоа, новото окрупнето парламентарно мнозинство ќе даде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за продолжувањето по европскиот пат и за остварувањето на полноправното членство во ЕУ и на стратешкото партнерство со САД, како и на реализацијата на Програмата на Владата. За ефикасно спроведување на мерките за подобрување на животниот стандард на граѓаните, за зајакнување на економијата, на борбата против криминалот и корупцијата.

Во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, се согласивме да има ветинг на јавни функционери, базиран на најдобрите европски искуства и нови одредби за јавна финансиска контрола. Посветени на концептот држава за сите, ќе продолжиме да градиме општество на еднакви граѓани. Определени кон рамноправен економски и територијален развој, ќе го намалиме развојниот јаз меѓу регионите. Развојот на државата ќе го засилиме со енергетската транзиција, со што овозможувме и заштита на животната средина. А здрави граѓани е меѓу нашите врвни приоритети и затоа посебно очекувам зголемување на ефикасноста во оваа област и унапредување на здравствените и медицинските услуги.

Почитувани граѓани и почитувани пратеници,

Реконструкцијата на Владата очекувам да внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата, во насоките што ги посочив.

Но она што е навистина важно е со ова парламентарно мнозинство, ние ставаме точка на сите лаги и манипулации коишто ги лиферуваше опозицијата за можни предвремени избори.

Денес зборуваме за вистински важни работи.

Денес, правиме промени. И тоа е добро. Не треба да се плашиме од промени.

Нам како држава ни треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок.

Мнозинство кое ќе ни овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се повредни од нивните дневнополитички интереси.

Денес зборуваме за обединување по европското прашање, каде ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и вечно против државните интереси. Денес ние, знаеме дека имаме обединет европски фронт и јас сум уверен дека и најхрабрите нивни пратеници ќе имаат доблест да ја видат историската шанса пред која се ставени.

Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа, а граѓаните, сите без исклучок, сакаат стабилност, европски квалитет на услуги, сакаат европски квалитет на живот.

И секој кој си ги сака граѓаните и државата ќе се води од овие факти и од совеста, дали ќе одбере европска интеграција наместо меѓународна изолација и економски напредок, наместо сиромаштија.

Секој има време да размисли и кого и што поддржува и ќе се носи со својата одлука.

Јас ветив дека ќе предводам на европскиот пат, а за вредна цел нема лесен пат.

Патот е еден, изборот е одамна направен, нема време за губење и мора да се бројат само резултати!

За мене, за нас, правецот е еден и нема гледање лево или десно! За назад не ни помислуваме и не ни помислувам!

Оттаму, пред вас, почитувани пратеници, предлагам реконструкција на Владата согласно доставените документи за разрешување и именување, за кои верувам дека ги разгледавте по соодветно доставената документација.

Сакам да Ве уверам дека продолжуваме побрзо, поцврсто и сигурно понатаму!

Ги потврдуваме јасните категорички определби да ги осигураме економскиот развој и европските перспективи на Република Северна Македонија и од овие причини, барам конструктивна и плодна дискусија“.

Пред почетокот на обраќањето во врска со точките на дневниот ред, премиерот Ковачевски изрази сочувство до сите кои ги загубија своите најблиски во земјотресот што ги зафати Турција и Сирија и порача дека ова се тажни денови, но и денови на солидарност поради што нашата држава се вклучи во испраќањето хуманитарна помош, екипи војници, пожарникари, лекари кои на терен заедно со турските спасувачи секојдневно даваат сѐ од себе за да спасат што е можно повеќе луѓе.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...