Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и амбасадорката на Кралството Шведска во нашата држава, Н.Е. Ами Ларсон Џаин, свечено ги доделија сертификатите на првата група што го заврши курсот за ЕУ пристапно членство во областа на животната средина на ЕУ Академијата за животна средина. Курсот беше поделен на три модули дизајнирани да го опфатат целокупното законодавство на ЕУ, со посебен осврт на Поглавјето 27-Животна средина и Климатска акција. Првата група од нашата држава главно ја сочинуваа претставници на државната администрација, а на регионално ниво беа вклучени и претставници и од Србија, Босна, Косово, Албанија и Црна Гора.
– Инвестирањето во административни капацитети на овој начин, преку ЕУ Академијата за животна средина, претставува значајна поддршка во преговарачкиот процес во областа на животната средина, бидејќи создавањето на добро обучен кадар во институциите и нивно вклучување во идниот преговарачки процес ќе вроди резултати. Дополнително, мора да се нагласи дека учеството во Академијата на претставници од различни земји од регионот, во иднина ќе овозможи поврзување и размена на искуства на регионалнониво и ќе придонесе за зголемување на соработката во областа на животната средина во преговарачкиот процес – истакна во таа прилика министерката Шукова.
Во периодот од април до декември 2023 година ќе се одржи вторaта по ред ЕУ Академија за животна средина, на која ќе може да се пријават претставници од невладиниот сектор.
Настанот беше во организација на Шведската Агенција за заштита на животната средина и ЕУ Институтот за јавна администрација.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање