spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаЖивотна средина и климатските промени предуслов за зелен економски развој

Животна средина и климатските промени предуслов за зелен економски развој

Во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг за Кластер 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, со првиот состанок за Поглавјето 27 „Животна средина и климатски промени“.

На почетокот на состанокот државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач, Дрита Абдиу-Халили, зборуваше за активностите кои ги презема Владата во оваа област и посочи дека досега Северна Македонија има усвоено долгорочна стратегија за климатски промени која ја дефинира нашата визија за економија со ниска потрошувачка на јаглерод до 2050 година.

„Неодамна направивме напори да создадеме интегриран регионален систем за управување со отпад, а веќе обезбедивме финансии за пет региони (Вардар, Полог, Пелагонија, Југозападен и Југоисточен регион). Исто така, го усогласивме нашето национално законодавство со законодавството на ЕУ за управувањето со отпад, главно преку усвојување на важен законодавен пакет за отпад, Националниот план за спречување на отпадот, програмите за управување со отпад, електрична и електронска опрема, отпадни батерии и управување со батерии“, рече Дрита Абдиу-Халили.

Таа во продолжение додаде дека Северна Македонија има подготвено Закон за климатско дејствување, кој е во постапка на јавна расправа, усогласен со Регулативата за управување со енергијата, Директивата ETS (Директива за воспоставување шема за дозволени емисии на стакленички гасови во рамките на заедницата) и Регулатива за мониторинг и известување.

Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ е обемен и опфаќа 25 проценти од општото законодавство на Европската Унија. Треба да се напомене дека оваа област покрај предизвиците кои ги наметнува за граѓаните, но и за државата, истовремено бара и многу финансиски средства за достигнување на европските стандарди.

Поглавјето 27, „Животна средина и климатски промени“ е еден од двигателите на зелениот раст, конкурентноста и развојот на зелената економија. Заедно со поглавјето за енергија, ова поглавје го претставува патот за понатамошен развој на зелената транзиција во националната транзиција и понатаму во регионалната транзиција, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

Објаснувачкиот скрининг состанок за „Животна средина и климатски промени“ продолжува и понеделник и со тоа завршува објаснувачкиот скрининг за Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.

Следната недела ќе започне билатералниот скрининг состанок за Кластер 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, со поглавјата 10 и 16, „Информатичко општество и медиуми“ и „Оданочување“.

Досега, Северна Македонија го заврши билатералниот скрининг за првите два кластери, со вкупно четиринаесет поглавја и три области, има уште четири кластери со преостанати деветнаесет поглавја.

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте