spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаМаричиќ: Продобивки од ЕУ, а не политизација - тоа го бараат граѓаните...

Маричиќ: Продобивки од ЕУ, а не политизација – тоа го бараат граѓаните од сите политичари и сите партии

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваше на промоцијата на проектот „Медиумите за ЕУ“, каде истакна дека за перцепцијата на граѓаните за процесот на преговори и за ЕУ клучна ќе биде соработка помеѓу медиумите, граѓанското општество и политичките партии.

– Процесот на евроинтеграции, особено со новата методологија, стана и политички процес, кој за жал кај нас сè почесто се политизира и се злоупотребува за дневна политика што секако влијае на ставовите на граѓаните за ЕУ. Затоа граѓаните треба да бидат добро информирани за ЕУ и заеднички да правиме напори да се продлабочи дебатата за преговорите со ЕУ и за сите позитивни промени и економски можности кои ги носи членството, рече вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот посочи дека никогаш како денеска не сме се соочувале со опасности од дезинформации кои го поткопуваат проевропското расположение кај граѓаните, а се оркестрирани, организирани и во директна релација со руската агресија на Украина.

– Наша задача како Влада, но мислам дека и мисија на граѓанските организации и на медиумите, особено оние коишто искрено веруваат во членството во Европската Унија, е токму сега да направат максимум за да се избориме со дезинформациите, со негативните перцепции и да се врати поддршката на граѓаните за Европската Унија, порача Маричиќ.

Маричиќ не верува дека Македонците, и сите останати народи и заедници кои живеат во Северна Македонија, коишто одговараат на анкетите на јавното мислење, се против ЕУ, анкетираните кои веќе не се толкави ентузијасти, според него се практично разочарани проевропски настроени граѓани.

– Разочарани од тоа што се случувало во изминативе неколку години, а поврзано со блокадите со коишто се соочивме, разочарани затоа што сè уште немаме точен датум кога ќе станеме членка на Европската Унија. Разочарани сигурно и поради темпото на реформите, објасни Маричиќ.

Во своето обраќање Маричиќ направи компарација со наративот за ЕУ пред петнаесет години и кажа дека тогаш многу полесно се зборувало за Европската Унија „бидејќи многу беше поголем евроентузијазмот меѓу граѓаните“, додавајќи дека „денес се бориме со перцепцијата дека тоа ни е недостижна цел и дека не можеме да го постигнеме тоа што и да направиме“.

– Целта на тие проекти беше европеизација на општеството, приближување на ЕУ до граѓаните, преведување на сложениот ЕУ систем и придобивките од тој систем за граѓаните. За жал, во годините после 2008, атмосферата во општеството беше таква да тие активности беа стигматизирани, етикетирани, ставани во контекст дека се случуваат само за да се убедат граѓаните дека треба да се смени името на државата, истакна Маричиќ.

На крајот вицепремиерот искажа увереност дека околу европската перспектива на државата, Владата, граѓанските организации и медиумите имаат иста цел и имаат заедничка мисија, која треба да ја спроведат заедно.

– Владата стои целосно на располагање. За, со сите свои ресурси и капацитети и можности, да го помогне овој проект и овој процес со информации, податоци, присуство, сè што мислите дека е потребно. Ние стоиме на располагање затоа што сметаме дека е ова извонредно важен проект и извонредно важен процес, кажа Маричиќ.

Проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Поддржан од Европската унија ќе биде спроведуван од Евротинк – Центарот за европски стратегии и партнерите АЛДА и БИРС, во наредните три години.

Целта на проектот е да се поттикне соработката меѓу медиумите, граѓанските организации и релевантните државни институции кои ќе работат во преговарачките процеси на земјата со релевантните институции од ЕУ, како и подобрување на квалитетот на информации и презентирање на состојбите и напредокот на Македонија кон ЕУ за пошироката јавност во државата.

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте