Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година.
Со Оперативниот план за 2023 година, како што беше образложено од страна на предлагачот, Министерството за труд и социјална политика, се проширува опфатот на програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, со што ќе се обезбеди креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, на долгорочно невработените и на корисниците на права по основ на гарантирана минимална помош.
Со Оперативниот план за 2023 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените како и на корисниците на гарантирана минимална помош.
Новина во Планот е тоа што нискоквалификувани лица, со завршено минимум основно образование може да се вклучат во мерките за вработување.
Сите евидентирани невработени лица и работодавачи имаат пристап до програмите, односно мерките и услугите за вработување. Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка и услуга за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 40% во секоја од програмите и мерките и услугите за вработување.
Носител на Оперативниот план е Министерството за труд и социјална политика, а неговата имплементација е во надлежност на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, во партнерство со други одговорни институции и организации.
Владата на денешната седница донесе Oдлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.
Согласно одлуката се утврдува цена во висина: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони.
Министерството за економија, како предлагач на Одлуката, соопшти дека врз основа на спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Северна Македонија, како и имајки ги во предвид најновите податоци од Царинската управа, е утврдено дека увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена, поради претстојните празници.
Ова, како што стои во образложението на Министерството, е причината, поради којашто се предлага измена на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, којашто стапи на сила на 3 април 2023 година, а со што цените на дел од производите опфатени во оваа Одлука се зголемуваат сразмерно на зголемувањето на увозната цена за нив. Зголемување на цената има кај свежите домати, свежите краставици, кромидот, свежите зелени пиперки, гравот, бананите, портокалите, мандарините и лимоните, додека за карфиолот се укинува ограничувањето на највисоката цена, а кај леќата цената останува непроменета.
Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало, останува да важи до 30 април 2023 година.
Владата, на предлог на Министерството за образование и наука го утврди и Предлогот за измени и дополнувањата во Законот за основното образование.
Целта е регулирање на воспитно образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи.
Со измеите и дополнувањата на законот, е предвидено да се обезбеди континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование-свидетелство.
Предложени се измени се во насока – основно образование во казнено-поправни установи да се реализира по наставен план и наставни програми за основно образование на возрасни, а да го реализира училиштето кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи.
Основното образование во воспитно-поправни установи се реализира по посебен наставен план и наставни програми, а го реализира училиштето кое има верификација за основно образование за деца во воспитно-поправни установи и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи. Со тоа би се реализирале дел од препораките во Извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во делот на човекови права.
Владата, на денешната седница, го разгледа и прифати Предлогoт на закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија, за делегирање услуги во воздушниот сообраќај на дел на воздушниот простор над Охридското Езеро и го достави до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и усвојување.
Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија, за делегирање услуги во воздушниот сообраќај на дел на воздушниот простор над Охридското Езеро е потпишана во Скопје на 14 ноември 2022 година.
Со оваа Спогодба, Република Албанија (земја којашто делегира услуги), ја делегира на Република Северна Македонија (земја којашто дава услуги), одговорноста за давање услуги во воздушниот сообраќај (услуги за давање на информации за лет, услуги за тревожење, советодавни услуги во воздушниот сообраќај, услуги за контрола на летање), во дел на воздушниот простор којшто се протега над територијата на Република Албанија.
Владата денрска заклучи и да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје, да ја констатира оставката на Васко Ковачевски од должноста член и претседател на Управен одбор, со назив – генерален директор, а за членови на Управниот одбор на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје, да ги избере: Васко Стефанов за член на УО, којшто носи назив- генерален директор и Марија Пејкова – за член на УО – директорка за финансиски работи.
Извор: Влада