Започна Третиот состанок на Мрежата на Монтреалскиот протокол за земјите од Европа и Централна Азија (ECA), кој до 29 април се одржува во Охрид. Во рамки на настанот, на Министерството за животна средина и просторно планирање му беше доделена награда за успешно координирање на активностите поврзани со имплементација на Монтреалскиот Протокол.
Со состанокот на земјите од Европа и централна Азија, се одбележува 20 годишнината од првиот состанок на Мрежата, која овозможува континуирана соработка и споделување на искуства при имплементација на Протоколот. Интересно е да се спомене дека оваа Регионална мрежа е формирана пред 20 години во Охрид, на иницијатива на нашата земја.
Mинистерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во своето обраќање истакна дека Министерството за животна средина во последните 26 години вложува континуирани напори за намалување и елиминирање на супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка.
– Спроведени се голем број инвестициски и демонстративни проекти, развиен е одржлив систем за обновување и рециклирање на средствата за ладење и е организиран увоз и извоз на средства за ладење, како и на опрема што содржи средства за ладење. Последните добиени резултати покажуваат дека во Република Северна Македонија се елиминирани 99,95% од потрошувачката на ваквите супстанции – рече министерката Шукова.
Нашата држава редовно учествува во активностите за подобрување на функционирањето на Мрежата, разменувајќи искуства и информации со земјите од Регионот. Министерството за животна средина и Канцеларијата за заштита на озонската обвивка активно работат на успешна имплементација на обврските зададени со Монтреалскиот Протокол и неговите Амандмани.
Континуираната поддршка на засегнатите чинители, контролата на увоз и извоз на загадувачките супстанции, поддршката на шемата за собирање и рециклирање, соодветните обуки и работилници се само дел од активностите кои се спроведуваат со цел навремена редукција и елиминација на супстанциите контролирани од Протоколот.
Учесниците на Мрежата на Монтреалскиот протокол за земјите од Европа и Централна Азија (ECA), исто така, во Охрид, ќе имаат можност и да присуствуваат на Меѓународната конференција за ладење со амонијак и CO2, која ќе се одржи од 27-29 април, со што ќе имаат можност да разменат искуства и знаења со експертите од оваа област, со што уште еднаш ќе ја потврдат подготвеноста на сите инволвирани страни да ја зајакнат соработката на сите нивоа.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање