spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаПредлог за нов Закон за употреба на македонскиот јазик; предлог за воведување...

Предлог за нов Закон за употреба на македонскиот јазик; предлог за воведување две нови државни награди: Блаже Конески и Ремзи Несими; Закон за следење на комуникациите и Закон за Агенција за национална безбедност

Владата на Република Северна Македонија ja разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата – Законот за следење на комуникациите и Законот за Агенција за национална безбедност, од надлежност на Министерството за внатрешни работи да преминат во надлежност на Министерството за правда.

Констатирано е дека Министерството за правда е ресорно министерство за Законот за следење на комуникациите и Законот за Агенција за национална безбедност и носител на активностите при нивно евентуално изменување, односно донесување нови.

Во образложението на Министерството за внатрешни работи е наведено дека Законот за следење на комуникациите, беше донесен во април 2018 година, како резултат на спроведени суштински реформи на безбедносно-разузнавачките служби, а со цел имплементација на препораките на Групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (препораките на Прибе).

На денешната седница е разгледан и утврден текстот на Предлог на закон употребата на македонскиот јазик.

Новопредложениот Закон, според предлагачот, Министерството за култура, се заснова на: подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација; почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока.

Постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, коишто, според Министерството за култура е потребно да се прошират и со дополнителни механизми, што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.

Од тие причини, се предлага донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа,  службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.

Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.

Владата го разгледа и утврди и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот државните награди, со што предлага воведување две нови државни награди.

На Иницијатива од Советот за македонски јазик, како што соопшти предлагачот, Министерството за култура, се предлага да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, којашто се предлага да го носи името на Блаже Конески – основач на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач.

По Иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, како што соопшти Министерството за култура, се предлага да се востанови уште една нова државна награда, за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и  албанологијата во земјава, којашто, се предлага да го носи името на Ремзи Несими – лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правописот на албанскиот јазик во 1972 година.

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „SIRA EX“ во Сојузна Република Германија, согласно Планот за организација и учество на Армијата на вежби од меѓународен карактер за 2023 година.

Вежбата „SIRA EX“, според образложението од Министерството за одбрана, ќе допринесе за стекнување со знаења и обнова на веќе стекнатите знаења при процесот на донесување воена одлука на ниво Баталјон и Бригада. Целта на вежбата е лидерите и останатиот персонал да ги применуваат постапките при процесот на донесување на воена одлука на механизирано пешадиски и пешадиски единици во мултинационални команди и штабови на национално и меѓународно рамниште, а споделените искуства и научените лекции се неопходни за персоналот на Армијата за извршување на мултинационални операции.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Бутел: По 40 години реконструкцијата на улицата “Натанаил Кучевишки”

0
Нема запирање кога се работи за доброто на граѓаните и за нивните потреби. Денес, започна реконструкцијата на улицата “Натанаил Кучевишки” со површина од 3000...