Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ги посети во Градскиот парк младите уметници кои сликаа мурали на тема мир.
– Младите луѓе ја дизајнираат иднината на својата земја и на региoнот. Тие ја имаат моќта да ја подобрат состојбата во државите и во светот. Оставајќи простор на младите да придонесат со својата енергија, со нивниот иновативен пристап создава можност, да се изградат како носители на промени, па и да поттикнат лична промена кај нивните врсници и останатите членови во нивната околина – рече Арсовска.
Во проектот се вклучени дваесет и еден млад уметник од Франција, Германија, Украина и Македонија, а целта е зајакнување на мултикултурниот дијалог помеѓу младите, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.
Младите креативци во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, поминаа и дводневна обука за сликање мурал под менторство на тројца реномирани уметници – Ема Попи од Франција, Дамјан Ив Род од Германија и Марина Сорокина – Сомари од Украина.
Реализацијата е со поддршка на Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“.
Извор: Град Скопје