spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСилното сојузништво, развојот на интероперабилноста и вложувањето во Армијата и стандардот на...

Силното сојузништво, развојот на интероперабилноста и вложувањето во Армијата и стандардот на војниците се пораките кои ги упатија Ковачевски и Петровска од Денот за високи гости на вежбата „Брз одговор 23“

Денеска на армискиот полигон „Криволак“, премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска се обратија на Денот за високи гости на најголемата вежба која се реализира оваа година во Северна Македонија, „Брз одговор 23“.

„Годинава реализираме уште една успешна заедничка вежба со нашите НАТО сојузници, каде преку разни вежбовни операции го демонстрираме единството на Северноатлантската Алијанса во име на безбедноста на секоја земја членка и во име на светскиот мир. Со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на гео-политичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски супер сили. Ова е најдобрата потврда за исправноста на одлуките кои се носеа во државата пред три години и ова е најдобар демант за оние кои беа против тие одлуки, носени пред три години во нашата држава“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, во неговото обраќање на настанот Ден за високи гости на најголемата мултинационална вежба „Брз одговор 23“, која, денеска се одржа на полигонот Криволак.

Премиерот Ковачевски потенцира дека нашата држава преку негување на принципите на добрососедство, денес прерасна во земја фактор на стабилност, кредибилен партнер на ЕУ и НАТО.

„Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и зачленувањето во големото НАТО семејство, ги заштитивме нашите идентитетски одредници, го заштитивме нашиот македонски јазик и нашата култура. Под штитот на НАТО и силната поддршка од сојузниците и нашите стратешки партнери, нашата држава е посилна и постабилна од кога било. И политички и економски, бидејќи почетокот на преговорите со ЕУ и стабилноста со членството во НАТО донесе поволен и предвидлив амбиент за странските директни инвестиции, кои во услови на криза, достигнаа рекорден историски износ од 753 милиони евра, што е највисоко ниво на вакви инвестиции во земјата, и тоа двојно повеќе во споредба со 2016 година“, нагласи премиерот Ковачевски.

Осврнувајќи се на достигнувањата на Армијата, премиерот оцени дека нашата армија денес располага со најсовремена воена опрема, која е тука благодарение на нашите партнерства со САД, Франција, Турција и со други земји членки на НАТО.

При тоа, премиерот Ковачевски ја потенцираше поддршката за Армијата, нагласувајќи дека буџетот на Министерството за одбрана кој растеше изминатите години, годинава достигна највисоко ниво и опфаќа 1,85 отсто од БДП.

„Инвестиравме во нашата Армија и ги подобривме условите за припадниците на Армијата. Само за годинава, ги зголемивме платите на припадниците на Армијата за речиси 8.000 денари. Ако нето платата на еден професионален војник во Армијата во 2010 година изнесувала 21.000 денари, денес, таа е над 46.000 денари, заедно со закупнината, која сега, за разлика од тогаш, ја земаат сите припадници на Армијата. Месечната нето плата, пак, на професионален војник во нашата НАТО декларирана единица, заедно со закупнината е околу 51.500 денари, а платите се и повисоки, зависно од чиновите на припадниците на Армијата“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека професионалните војници се стекнаа со правото на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата.

Премиерот Ковачевски порача дека ќе ги предводи и ќе ги предложи сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварување на стратешката цел-членството во ЕУ.

„Се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за народот, а не за лична кариера на кој било политичар во државата“, порача премиерот, кој упати повик за обединување и издигнување над политичките и идеолошки разлики.

Министерката за одбрана, Петровска, пред присутните порача дека брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници, зашто нашето единство во Алијансата е нашата сила.

„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се пред сè за граѓаните, дека нашата земја е подеднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња“, рече Петровска.

Министерката порача дека силата е во различностите и дека секој успех е заеднички, и на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме, и додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.

„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, заклучи Петровска.

Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честиташе за покажаната професионалност, посветеност и заедништвото кое го покажаа изминатите денови.

На Денот за високи гости, припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и Косово изведоа вежба насловена „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.

Во рамки на вежбовната активност, употребено беше роботизираното софистицирано возило т.н. „Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат во вежбовни услови тестираше испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Велес: Ракометно игралиште во Градскиот парк со нови трибини

0
Почнаа градежните работи за поставување на нови трибини на ракометното игралиште во Градски парк. Ќе се постави нова конструкција и седишта со што овој...