spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаВладата воспостави континуиран, транспарентен и инклузивен дијалог со граѓанското општество како суштинска...

Владата воспостави континуиран, транспарентен и инклузивен дијалог со граѓанското општество како суштинска компонента на политичките критериуми за членство во ЕУ

Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски, денеска, учествуваше на втората Национална конференција, која во рамки на проектот СМАРТ Балкан се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Фокусот на панел дискусијата на годинашната конференција беше управување со кризи и јакнење на локалните капацитети за спречување на насилство и насилен екстремизам.

Пред многубројните учесници на Конференцијата од хибриден карактер, Димовски поздравувајќи ја иницијативата, го потенцираше нејзиното значење за изградба на демократски општества, во насока на интензивирање на процесот на Евро-атлантската интеграција на Западен Балкан и во однос на процесот Отворен Балкан, на кои нашата држава, Република Северна Македонија е целосно посветена.

„Придонесот на граѓанските организации е особен значаен за обезбедувањето заштита на основните човекови слободи и права и за подобрувањето на демократското управување преку поттикнувањето на зголемена транспарентност, отчетност и ефективност на државните институции“, рече Димовски во своето обраќање, осврнувајќи се на воспоставувањето на функционален дијалог помеѓу државните органи и граѓанските организации и создавањето на поволна средина за развој на активно граѓанско општество како важен предуслов за успешноста и одржливоста на реформите во јавниот сектор, кои се дел од обврските и условите за пристапување на државата во Европската Унија.

Димовски, додаде дека придонесот на граѓанските организации е особено важен за обезбедувањето на заштита на основните човекови слободи и права и за подобрувањето на демократското управување, преку поттикнувањето на зголемена транспарентност, отчетност и ефективност на државните институции. Токму затоа, рече Димовски, земјите членки на Европската Унија, како и Европската комисија, постојано ги нагласуваат придобивките од постоењето на квалитетни структури за политички дијалог помеѓу Владата и граѓанското општество, како суштинска компонента на политичките критериуми за членство.

„Свесна за важноста на овие прашања, Владата на Република Северна Македонија воспостави континуиран, транспарентен и инклузивен дијалог со граѓанското општество, третирајќи го како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право да учествува во креирањето политики, да предлага, но и да критикува“, рече Генералниот секретар.

Тој ја нагласи посветеноста на Владата на унапредувањето на околината во која работи и се развива граѓанското општество, оценувајќи дека искрено очекува силен придонес во зајакнувањето на демократското управување и реформите на патот за интеграција на земјата во Европската Унија.
Тука, Димовски додаде дека ова е препознаено и втемелено во Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество 2022 – 2024 година, но и во Програмата за работа на Владата за истиот период.

Потенцирајќи дека ваквите панел дискусии се особено драгоцени за препознавање на важната улога на граѓанското општество, Димовски истакна, дека на оперативно ниво се воспоставени функционални механизми за соработка помеѓу државните институции и граѓанските организации, вклучувајќи го Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт, секторските работни групи за претпристапна помош (ИПА) и други тела за креирање политики и секторски стратешки дијалог. За обезбедување на поттикнувачка и одржлива околина за функционирање и развивање на граѓанското општество, секторските работни групи подготвуваат измени на Законот за здруженија и фондации и на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, а Секретаријатот за европски прашања, низ консултативен процес со граѓанското општество, работи на развивање модели за вклучување на граѓанските организации во пристапните преговори на земјата со Европската Унија.

СМАРТ Балкан проектот е финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и е спроведен од конзорциумот на организации: Центар за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД)  од Босна и Херцеговина, во партнерство со Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија.

 

 

 

 

Извор Влада

Прочитајте

МЗ: Средба со директорот на ФЗОМ – Разгледани можностите за проширување...

0
Министерот за здравство Арбен Таравари одржа состанок со директорот на Фондот за здравствено осигурување, д-р Александар Клековски, претставници на Фарамабренд-Нова (асоцијација на иновативни фармацевтски...