spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Понудивме инструмент со многу придобивки, граѓаните добиваат поволна камата

МФ: Понудивме инструмент со многу придобивки, граѓаните добиваат поволна камата

Граѓаните од денеска можат да купуваат, односно запишуваат граѓански обврзници, откако беше објавен Проспектот за првата аукција на износ од 600 милиони денари. Граѓаните можат да инвестираат минимум 10.000 денари со купување на една обврзница, а каматната стапка, односно приносот што ќе гo добијат за својата инвестиција во граѓанската обврзница е 5 % на годишно ниво. Ова го најавија на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими, кои посочија на едноставната постапка за купување на обврзницата и на придобивките за вложените пари.

 

„Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина. Првата и една од главните придобивки за граѓаните е профитот, односно приносот кој ќе им го донесе граѓанската обврзница. Граѓанската обврзница има купонска камата од 5% , а истата има рочност од две години. Покрај за граѓаните, граѓанската обврзница носи и макроекономски придобивки, односно придобивки за целокупната економија. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби, односно како за тековни потреби, така и за развојни цели и инвестиции во трајни добра. Во секој случај, овие средства преку буџетот ќе бидат повторно инјектирани во стопанството, како преку потрошувачката, преку исплатата на плати и пензии, така и преку инвестициски активности. Тие ќе ја придвижат економската активност, што ќе придонесе кон забрзување на економскиот раст“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека како што беше ветено проспектот за првата аукција е објавен на крајот на јуни и дека граѓаните веќе од денеска можат да ја започнат постапката за купување, односно запишување на граѓанските обврзници. „Таа, појасни министерот, е многу едноставна. Граѓаните на шалтерите на сите комерцијалните банки можат да пополнат барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Граѓаните можат да пополнат барање во банките најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата, односно до 12 јули. По запишување на обврзниците во депозитарот, обврзницата ќе им биде издадена на имателите, односно ќе биде запишана на нивно име“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека е ова нов инструмент со кој се овозможува на граѓаните да инвестираат во проекти за развој на земјите, а притоа тие инвеестиции се безбедни за граѓаните, им носат принос и особено важно во услови на двоцифрени стапки на инфлација, ја штитат нивната вредност. Како пример посочи министерот доколку граѓанинот инвестира во 10 обврзници, односно 100 илјади денари ќе добие 5.000 денари принос на крајот на првата година и наредната година уште 5.000 денари или вкупно 10.000 денари за инвестиција од 100.000 денари.

Аукцијата за граѓанската обврзница ќе се одржи на 13 јули 2023 година, кога, како што посочи министерот ќе се знае интересот на граѓаните за овој нов инструмент на нашиот пазар.

Покрај придобивките за граѓаните, овој инструмент има развоен карактер, бидејќи инвестираните средства се директно поврзани со развојните проекти кои се планирани во буџетот и ќе влијае на намалување на сивата економија.

Според министерот со ова се заокружува една фаза од вклучувањето на граѓаните на финанискиот пазар, што е дел од Стратегијата за развој на пазарот на капитал. Тој најави дека во текот на годината ќе се пристапи кон издавање на вториот инструмент, зелената обврзница  наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Кичево: Известување

0
Почитувани граѓани, Со одлука на градоначалникот на општина Кичево, г-дин Фатмир Дехари, ја имаме честа преку овој допис официјално да ве информираме дека од понеделник...