spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМВР: Ковачевски - За прв пат по повеќе децении нова Полициска станица...

МВР: Ковачевски – За прв пат по повеќе децении нова Полициска станица Аеродром, инвестираме во модерна, ефикасна полиција и побезбедна иднина за сите нас

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски присуствуваше на настан по повод поставувањето камен темелник на нова Полициска станица Аеродром. На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, заменик директорот на Бирото за јавна безбедност, Арбен Јашари, како и претставници на Министерството за внатрешни работи.

„Денеска овде поставуваме камен темелник на нов објект на Полициската станица Аеродром, која ќе биде една од најголемите во градот и ќе покрива подрачје со најголем број жители во метрополата. Проектот на новата полициска станица која овде ја градиме од темел е проектиран да се изведе на површина од 3.500 квадратни метри, каде ќе поставиме нов модерен објект што содејствува на предизвиците, меѓутоа и на потребите на граѓаните во Аеродром. За прв пат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин“, потенцираше премиерот Ковачевски во своето обраќање, на денешниот настан на поставување камен темелник на новата Полициска станица Аеродром.

Премиерот Ковачевски ги посочи капиталните инвестиции во овој ресор, набројувајќи ги проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со  80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, во кои се вложени 8 милиони евра, како и отпочнатата целосна реконструкција на Центарот за обука во Идризово.

„Реализираме капитални инвестиции, инвестираме во модернизација и заштитата на нашите припадници на полицијата и со тоа инвестираме во подобра и побезбедна иднина за сите нас. Во изминатите години постојано ги подобруваме состојбите и условите за припадниците на полицијата. Инвестициите во полицијата прават полицајците да бидат задоволни и со тоа да бидат ефикасни. Во изминатите шест години набавивме и униформи и друга потребна опрема за полицијата во вредност од над 10 милиони евра. Поразителен беше фактот дека припадниците на полицијата во период од 10 или 15 години немаа чизми, чевли, униформи или друга потребна опрема што влијае врз квалитетот на извршувањето на работните обврски“, нагласи премиерот Ковачевски, кој додаде дека е обезбеден и континуиран раст на платите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи.

„Реализацијата на нашите врвни приоритети, а која што се огледа и преку последниот пораст на платите, при што платите во полицијата се зголемени за 25%, борбата со корупцијата и владеењето на правото, како и резултатите од нашите вложувања во безбедносните структури и осовременувањето на условите се видливи. Ако тргнете од Гази Баба, па одите по други градови, ќе видите дека полициските станици се комплетно реконструирани. Создаваме и модерна, професионална полиција која денес преку учество во меѓународните акции за сузбивање на криминал и заедничките активности во рамки на ФРОНТЕКС, за спречување на илегални движења преку границите ги покажува на дело нашите врвни достигнувања на полето на безбедноста“, заклучи на крајот од своето обраќање премиерот Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето обраќање на настанот изјави:

„Новата Полициската станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, како и по најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот во склоп на  Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР. Предвидениот рок за изградба на објектот е 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор, со вкупна вредност од околу 130.000.000 денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски го изрази и задоволството што и со овој енергетско ефикасен објект продолжува концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина”: „Со тоа даваме свој придонес кон остварување на Владината политика за енергетска ефикасност, преку мерки и активности за ефикасно користење на енергијата, вршење на услуги за енергетска ефикасност, како и преку исполнување на обврските на јавниот сектор во поглед на енергетската ефикасност и заштедата на енергија”, потенцираше министерот Спасовски на денешниот настан по повод поставување камен темелник на новата Полициска станица Аеродром.


Обраќање на премиерот Ковачевски на настан по повод поставување на камен темелник на Полициска станица Аеродром

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска присуствуваше и се обрати на поставувањето камен темелник на новата Полициска станица Аеродром.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

„Почитуван министер за внатрешни работи Оливер Спасовски,

Почитуван министер за транспорт и врски, Благој Бочварски,

Почитувани пратеници и во Собранието на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници од локалната самоуправа,

Почитувани припадници на полицијата,

Почитувани присутни и медиуми,

Нема силна и стабилна држава без солидна инфраструктура и поволни услови за работа на нашите безбедносни и припадници на полицијата.

Денеска овде поставуваме камен темелник на нов објект на Полициската станица Аеродром, која ќе биде една од најголемите во градот и ќе покрива подрачје со најголем број жители во метрополата.

Вие самите може да се уверите како изгледаше полициската станица во Аеродром, веројатно една од најлошите во државата, а со оваа нова градба ќе биде најубавата во метрополата.

Проектот на новата полициска станица која овде ја градиме од темел е проектиран да се изведе на површина од 3.500 квадратни метри, каде ќе поставиме нов модерен објект што содејствува на предизвиците, меѓутоа и на потребите на граѓаните во Аеродром.

За прв пат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин.

Предвидена е изградба на енергетски ефикасен објект на три ката од квалитетни естетски и современи материјали со паркинг простор за 30 службени возила, објект во вредност од над 2 милиони евра. Јас би сакал само да ве потсетам на една многу важна работа, дека овие објекти можеа да се направат и порано, меѓутоа во времето на минатата власт за 2 милиони евра се поставуваше еден лав на мостот Гоце Делчев, кој никому не врши работа, а за истите пари може да се направи цела полициска станица на 3 ката.

Исто така овој објект ќе биде и енергетски ефикасен, а ќе содржи и планирани полициски и меѓународно прифатени безбедносни стандарди.

Реализираме капитални инвестиции, инвестираме во модернизација и заштитата на нашите припадници на полицијата и со тоа инвестираме во подобра и побезбедна иднина за сите нас.

Оваа Влада која ја предводам е Влада која се грижи за потребите на граѓаните и за потребите на вработените во клучните ресори, како што е полицијата.

Доверената доверба од граѓаните и големата одговорност која ја сносиме се најдобар аргумент за да води сметка за рационално искористување на буџетските средства во проекти од животна важност.
Во изминатите години постојано ги подобруваме состојбите и условите за припадниците на полицијата.

И годинава продолжуваме со проектот за реконструкција и изградбана полициските станици, во рамките на кој опфативме завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетско ефикасни објекти, во кои се вложени 8 милиони евра.

Овде би сакал да ја потенцирам и планираната целосна реконструкција на Центарот за обука во Идризово, расадник на нови полициски кадри, професија која што ја избрале да стани нивни животен повик. Но, и набавката на возила за потребите на Одделот за обезбедување на лица и објекти, како и интервентни комбиња за потребите на униформираната полиција.

Инвестициите во полицијата прават полицајците да бидат задоволни и со тоа да бидат ефикасни. Тоа го покажуваат и истражувањата на јавното мислење кои МВР и нивното раководство го ставаат на прво место според довербата на граѓаните, и тоа е многу важно за една држава да граѓаните се чувствуваат безбедни во својата држава

Во изминатите шест години набавивме и униформи и друга потребна опрема за полицијата во вредност од над 10 милиони евра. Поразителен беше фактот дека припадниците на полицијата во период од 10 или 15 години немаа чизми, чевли, униформи или друга потребна опрема. Што влијае врз квалитетот на извршувањето на работните обврски. Во тоа време раководството на полицијата не размислувало да ја опреми полицијата со опрема која што им е потребна туку по цел ден се занимавале како на премиерот да му купат нов мерцедес. Затоа ние се посветивме на инвестиции за подобри услови за полицијата со цел да создадеме стимулирана и задоволна полиција, а со тоа и задоволни граѓани.

Дополнително, создадовме услови за континуиран раст на платите на вработените во МВР. Реализацијата на нашите врвни приоритети, а која што се огледа и преку последниот пораст на платите, при што платите во полицијата се зголемени за 25%, борбата со корупцијата и владеењето на правото, како и резултатите од нашите вложувања во безбедносните структури и осовременувањето на условите се видливи. Ако тргнете од Гази Баба, па одите по други градови, ќе видите дека полициските станици се комплетно реконструирани.

 

Создаваме и модерна, професионална полиција која денес преку учество во меѓународните акции за сузбивање на криминал и заедничките активности во рамки на ФРОНТЕКС, за спречување на илегални движења преку границите ги покажува на дело нашите врвни достигнувања на полето на безбедноста.

Владата на Република Северна Македонија вложува и ќе продолжи да вложува во градењето на модерна, ефикасна и одговорна полиција. До следното спроведување на реформите и професионализацијата на полицијата е нашиот влог во иднината. Инвестираме и модернизираме, бидејќи нашите граѓани очекуваат подобро и очекуваат европски квалитет на живот.

Сакам да им посакам успех во работата на изведувачите и секако на министерот и неговиот раководен тим во МВР кои покажуваат дека ако се има волја и ако се има посветеност тогаш нема недостижна цел. И за овој краток период, временски краток период, се реконструирани 80 полициски станици и набавена најсовремена опрема за полицијата со покачени плати.

Ви благодарам!“

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте