spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЗШВ: Николовски - Нови три мерки во Интервентната програма за поддршка на...

МЗШВ: Николовски – Нови три мерки во Интервентната програма за поддршка на производителите на пченица, јачмен и раноградинарски култури произведени под контролирани услови

По предлог од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на денешната седница ги усвои трите нови мерки за поддршка на земјоделците преку Интервентната програма. Мерки насочени за поддршка на производителите на пченица, јачмен и раноградинарски култури произведени под контролирани услови.

„Интервентната програма е нова програма која за прв пат беше донесена минатата година, директно поддржувајќи ги земјоделците, и даде одлични резултати. Со буџет од 317 милиони денари оваа година креиравме отворена Интервентната програма, преку која излегуваме во пресрет на секој еден земјоделец, креирајќи навремено мерки за поддршка,“ истакна министерот Николовски.

Првата мерка се однесува на 3 денари по килограм финансиска поддршка до земјоделците, за остварено и продадено или складирано производство на пченица.

Како корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за подмерката директни  плаќања  по обработлива земјоделска површина за сите полјоделски култури од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година. Имаат засеани и ожнеани површини со пченица, а оствареното производство го имаат продадено или складирано кај регистриран откупувач или за потребите на сопствениот преработувачки капацитет во период од 15 јуни до 31 август 2023 година, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Максималната прифатлива количина на пченица за оваа мерка е 5.000 килограми по пријавен хектар.
Втората мерка во Интервентната програма се однесува на Финансиска поддршка од 3 денари по килограм за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен.

Како корисници кај оваа мерка се јавуваат земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање по подмерка 1.15. „Директни плаќања за произведен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски и градинарски култури“ од Програмата за финансиска поддршка  во земјоделство за 2023 година. Запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал, кои имаат произведен семенски материјал во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе од прва и втора генерација на пченица и јачмен.
Кај оваа интервентна мерка прифатлива количина за сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, се количините наведени во сертификат за конечно сертифицирано семе од реколта 2023 година.

„Дадениот збор на средбата која во месец април ја одржавме со претставниците на домашните производители на раноградинарски култури со оранжериско производство денес го исполнуваме. Како што тогаш ветив пред нив, преку Интервентната програма креираме мерка за нивна поддршка со која ја надоместуваме разликата помеѓу производната и продажна цена, како резултат од владината одлука за замрзнувањето на цените за овошјето и зеленчукот“, изјави министерот Николовски.

Преку Интервентната програма се креира мерка за финансиска поддршка за продадени количини на домат, пипер и краставица произведени под контролирани услови.

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои се производители на домат и краставици во затворени простории за производство во контролирани услови и кои имаат поднесено барање по подмерка 1.6. „Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.4. за производство под контролирани услови на домати, пиперки и краставици“ од Програмата за финансиска поддршка  во земјоделство за 2023 година.

Висината на финансиската поддршка од оваа мерка изнесува  35 денари по килограм за домат кој е произведен и продаден во период од 5 април до 31 мај 2023 година и 30 денари  по килограм за краставица која е произведена и продадена во период од 5 април до 15 мај 2023 година.

Министерот Николовски во одговор на новинарско прашање во однос на најавата од мелничарите за можно поскапување на цената на лебот истакна дека не очекува, ниту ја разбира потребата на мелничката индустрија цената на лебот да биде покачена.

„Не гледаме причина за покачување на цената на лебот, бидејќи цената на пченицата во жетва по која млинарите ја откупуваа пченицата беше 11 денари по килограм, а дополнително оваа година има и помали трошоци за струја. Мелничката индустрија оваа година се снабди со суровина која е преполовена.  Фер и коректно е да не се шпекулира и шпекулативно да не се создаваат цени. Ова е специфична година во која цената на житото на светските берзи беше преполовена, но и нашата мелничка индустрија се снабди со суровина која што е по цена од 11 денари, не по цена од 20 денари. Електричната енергија за разлика од минатата година исто така е стабилизиран пазарот и цените. Треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал покачување на цената на лебот на грбот на граѓаните кога мелничката индустрија се снабди со драстично поевтина суровина оваа година. И токму затоа нашата поддршка е со дополнителна поддршка на тие коишто го произведуваат житото, а тоа се земјоделците“, изјави министерот Николовски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува посветено да работи креирајќи мерки за секој еден земјоделец. Мерки за поддршка и развој на домашното производство.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте