Промоцијата на новините во примарната здравствена заштита, со цел приближување и поедноставување на услугата за сите пациенти, беа повод за брифингот со медиумите, на министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.
Меџити објасни дека трансформацијата на примарната здравствена заштита е направена врз основа на детална анализа, која ја спроведе Министерството за здравство, со поддршка од останатите надлежни институции, во соработка со Светската здравствена организација.
-Трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем. На овој начин се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија, потенцираше Меџити.
Министерот Меџити најави дека ќе биде овозможено поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место (ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и сл.)
-Сите овие активности кои се дел од реформата на ПЗЗ се реформска мерка и во Програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023-2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028, истакна Меџити.
Оваа недела ќе биде посветена на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од СЗО, а завршена е и едукацијата за 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови.
Министерот Меџити изрази посебна благодарност до Канцеларијата на Светската здравствена организација за континуираната техничка помош и поддршка и најави дека во следните неколку денови се планирани посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску пациентите и докторите да бидат запознаени со новините во примарната здравствена заштита.
Извор: Министерство за здравство