spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски: Интензивно се гради делницата Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10-д, инвестираме во...

Ковачевски: Интензивно се гради делницата Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10-д, инвестираме во капитални проекти кои ќе останат за идните генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод интензивирањето на градежните работи за изведба на автопатот Прилеп-Битола, при што се изврши минирање. На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и оперативниот директор на „Бехтел“, Џош Бејкер.

„Со изведбата на овој патен правец ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава. Како што знае јавноста, знаат граѓаните, во полн ек се изведуваат градежните работи на патните правци Градско – Прилеп каде што пред само неколку дена имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка Клисура. Исто така, се одвиваат работите и на патниот правец кој води кон Фаришка Клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10, исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница“, истакна премиерот Ковачевски во неговото обраќање на настанот, додавајќи дека овие зафати на граѓаните од овој регион им биле ветувани со децении, но досега не биле реализирани.

„Ние докажавме дека тоа што го зборуваме и го правиме. Ние не сме Влада која прави стиропори, која прави жални врби во река Вардар, туку сме Влада која инвестира во капитални проекти кои ќе останат за генерации наши граѓани да можат да имаат подобра патна инфраструктура.

Сите овие градежни работи претставуваат најголема инфраструктура и патна инвестиција во нашата држава. Се работи за инвестиција само на Коридорот 8 и 10-д од 1,3 милијарди евра, меѓутоа и другите патни правци кои го поврзуваат. На пример, овој патен правец имаат исклучително висока вредност, може да зборуваме за капитални инвестиции од над 2 милијарди евра во модерна патна инфраструктура“, рече премиерот Ковачевски.

При тоа, премиерот Ковачевски истакна дека во моментов во тек се саеми за работа на Коридорите 8 и 10-д, коишто најави дека ќе се организираат насекаде низ државава.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на настанот, истакна дека градежните активности на терен добиваат своја динамика.

„Денеска ова минирање подразбира дел од вкупниот процес за изградба на оваа патна врска меѓу Прилеп и Битола и сакам веднаш да потенцирам дека активностите се реализираат и побрзо од очекувањето и планираната динамика.

Тоа е така затоа што имаме реномиран и искусен изведувач, затоа што сите институции што сме инволвирани во изградбата на автопатските делници на Коридор 8 и 10-д покажуваме подготвеност да одговориме брзо и ефикасно на сите постапки и процедури за реализација на овој крупен проект. На граѓаните од Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен им е потребен овој автопат.

Да го тргнеме настрана скептицизмот, на Пелагонискиот Регион му треба нов автопат, нови инвестиции, а изградбата на овој автопат е одговор на сите барања на граѓаните од овој регион“, потенцираше министерот Бочварски.

На настанот се обрати и вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер.

„Регионалното поврзување и добрата инфраструктура се исклучително важни. Тие се една од нашите цели и знам дека се цел и на Владата на Северна Македонија. Во овој конкретен дел, поврзувањето на градовите Битола и Прилеп со модерен и безбеден автопат е исклучително важно. Подобрувањето на патната инфраструктура во Северна Македонија е, исто така, клучно за економскиот развој. Модерната патна мрежа не само што ќе ја подобри поврзаноста, не само што ќе овозможи движење на луѓето и економијата, туку и ќе привлече инвестиции во Северна Македонија. Овие регионални интеграциски напори ќе ги зајакнат релациите меѓу соседите. Успешната имплементација на овие проекти носи бенефити не само за Северна Македонија, туку и ќе се креираат работни места“, истакна вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, изразувајќи благодарност на Владата и на „Бехтел“ и „Енка“ за посветеноста во реализацијата на проектот.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изјави:

„Сите заедно со денешното минирање и почетокот на изградбата на пристапните патишта сме дел од испишување на нова историја во патната инфраструктура. На сите траси непречено се одвиваат и геомеханичките испитувања, а до проектната единица веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа-Струга-Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а се очекуваат и елаборатите и за Прилеп-Битола“, подвлече директорот Рустеми на денешниот настан.


Обраќање на премиерот Ковачевски на прво минирање за подготовка на изградба на патот Прилеп – Битола, дел од Коридор 10д

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод интензивирањето на градежните работи за изведба на автопатот Прилеп-Битола, при што се изврши минирање. Делницата Прилеп-Битола е дел од Коридорот 10-д.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:

„Како и секоја работа постојат луѓе кои се трудат да направат напредок, да изградат инфраструктура која ќе биде на врвно ниво, а која што сме ја немале и постојат луѓе кои се сомневаат. И за овој процес имаше луѓе кои се сомневаа, кои што сметаа дека ова нема да започне. Но, денес доаѓа најдобриот демант дека започнуваат градежните работи со ова минирање кое денес го означивме на теренот на автопатот Прилеп – Битола, а тоа е Коридорот 10Д.

Со денешното минирање на оваа делница ние практично ја засилуваме динамиката на градежните работи на Коридорот 10Д кој е дел од проектот со Коридорот 8.
Завчера во село Горна Бањица се означи стартот на работата и на Коридорот 8 исто така од американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ а денес продолжуваме овде во Прилеп на патот кон Битола.

Со изведбата на овој патен правец ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава.

Како што знае јавноста, знаат граѓаните, во полн ек се изведуваат градежните работи на патните правци Градско – Прилеп каде што пред само неколку дена имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка Клисура, а исто така се одвиваат работите и на патниот правец кој води кон Фаришка Клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10 исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница.

Ова на граѓаните на Прилеп, на Битола, на целиот регион им беше ветувано со децении, но никогаш не беше започнато. Ние докажавме дека тоа што го зборуваме и го правиме, ние не сме Влада која прави стиропори, која прави жални врби во реката Вардар туку сме Влада која инвестира во капитални проекти кои ќе останат за генерации наши граѓани да можат да имаат подобра патна инфраструктура.

Сите овие градежни работи претставуваат најголема инфраструктура и патна инвестиција во нашата држава. Се работи за инвестиција само на Коридорот 8 и 10Д од 1,3 милијарди евра меѓутоа и другите патни правци кои го поврзуваат, на пример, овој патен правец, имаат исклучително висока вредност, може да зборуваме за капитални инвестиции од над 2 милијарди евра во модерна патна инфраструктура.

Исто така, сакам да порачам дека во моментов се одвиваат и саеми за работа и тоа и во Тетово, Гостивар, Прилеп и во Битола. Само што разговарав со проект менаџерот дека досега имаат 360 CV кои ги разгледуваат од наши сограѓани од сите различни профили. И тоа е малку бидејќи она што во моментов најмалку му требаат на „Бехтел и Енка“ од наши работници е 2.000. И затоа овие саеми за вработување сакам да бидат поттик за сите наши сограѓани, без разлика на возраста, сите оние кои се работоспособни, кои сакаат да работат на овој проект во една од најреномираните светски компании Бехтел и нивниот партнер Енка и вакви саеми ќе бидат организирани и во други градови од државата, не само во овој регион, да бидат пополнети со наши македонски работници како што стои и во договорот, а во текот на продолжувањето на градбата, потребата од работници ќе се искачи до 8.000 работници на двата патни правци.

Ова е исто така дел од големиот инфраструктурен зафат кој го прави Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта во делот на рехабилитацијата на патната мрежа во државата, досега се рехабилитирани и изградени нови 1.300 километри патишта, регионални, магистрални, локални патишта кои што ја подобруваат инфраструктурата.

Вие знаете дека Источна Македонија е комплетно направена со нови патишта, оние кои патувале во Источна Македонија знаат дека од Скопје за многу кратко време се стигнува и до Струмица, Кочани, до Делчево. Нов пат има комплетно направен до Пробиштип, така што ова е нешто што го должиме на државата, односно на граѓаните на овој дел од регионот.

Доволно време беа ветувања, јас се сеќавам колку министри за транспорт ветувале дека ќе биде направен патот до Плетвар. На крајот ние го направивме тоа, неговото проширување. Многумина ветуваа дека ќе бидат направени тунелите на Фаришка Клисура, меѓутоа сега се пробиени.

Исто она што беше како ветување Коридорот 8 сега се реализира.

Зошто е тоа важно, бидејќи покрај тоа што ќе имаме модерна патна инфраструктура, тоа ќе значи можност за развој на други бизниси, од услужен сектор, производствен сектор. Ќе значи побрза комуникација помеѓу градовите да можат луѓето да бираат и работа и професија во градовите кои гравитираат еден до друг, а за брзо време да стигнуваат.

Тоа ќе значи и подобро поврзување со Албанија, да не заборавиме дека се прави комплетно нов магистрален пат до границата со Бугарија што ќе значи дека и меѓународно поврзување на државата ќе биде многу подобрено и нема да биде зависна државата единствено од солунското пристаниште како што е, туку ќе може да има и пристап до Драч и Бургас.

Сето тоа значи можност и за бизнисот и за граѓаните, значи модерна, безбедна патна инфраструктура и многу работа за нашите млади сограѓани кои ќе можат на овој проект да работат.

Сакам да им посакам многу успех на „Бехтел и Енка“. Тие се компанија кои досега сите нивни проекти ги направиле во рокот кој бил предвиден. Овој голем проект Коридор 8 и 10Д се предвидени да бидат завршени за 5 години што значи дека веќе се наоѓаме во реализација на проектот, не остануваат 5, остануваат 4,5 години до негово завршување. Јас немам сомневање дека тоа ќе го направат, бидејќи ако ги погледнете патиштата кои што се направени и во Косово, Албанија, Србија меѓутоа и во Грција проектите кои ги работеле, во Соединетите Американски Држави се е направено на врвно ниво, во рок и се е направено на задоволство и на оние кои ги работеле проектите и на оние кои ги користат“.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Петровец: Одржан четвртиот меѓународен турнир во бокс во Куманово

0
Се одржа четвртиот меморијален меѓународен турнир во бокс во Куманово „Мирослав Петровиќ“. И оваа година честа да го отвори овој турнир му припадна на...