Успешно заврши последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата за мерка 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Вкупно на овој јавен повик се пристигнати 58 барања во вредност од 8,8 милиони евра. Големата заинтересираност уште еднаш ја потврдува оправданоста на министерството и АФПЗРР да го распишат и овој последен јавен повик од ИПАРД 2 програмата, ставајќи ги на располагање за инвестиции и последните слободни средства од ИПАРД 2 програмата. Со реализација на овие барања силно ја потврдуваме и лидерската позиција на државата во искористеноста на ИПАРД средствата, достигнувајќи вкупна реализација на ИПАРД 2 програмата од 100%. Кај овој јавен повик инвестициите се оденсуваа на приоритетни сектори, за следниве типови на инвестиции: Млеко и млечни производи; Месо и производи од месо ( вклучувајќи јајца и живина); Овошје и зеленчук (вклучувајќи ги компирите, печурките и легуминозните култури); Житарици, мелнички продукти и скроб; Растителни производи и масла и маснотии од животни; Шира, вино и оцет; Производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи. Кај овој јавен повик не беа прифатливи инвестиции во градежни работи, а повикот беше наменет исклучиво за набавка на опрема за преработки. ИПАРД е нашата успешна приказна, најголем успех со кој сите треба да се гордееме. Ние сме лидери во регионот со најголема искористеност, од засега, 98% на средства од ИПАРД 2 програмата, со склучени 2369 договори, но и прва земја во регионот подготвена да започнуваме со ИПАРД 3 програмата.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство