Во Брисел започна билатералниот скриниг за Поглавје 11, „Земјоделство и рурален развој“, дел од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Поглавјето 11 опфаќа поголем број на обврзувачки правила неопходни за функционирање на заедничката земјоделска политика.
Пред експертите на Европската Комисија од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој како и Дирекцијата за добрососедство и проширување, министерот Николовски го презентираше напредокот во преговарачкиот процес, нагласувајќи ја благодарноста до Европската Комисија за зглемената ИПАРД поддршка преку која се помага развојот на македонското зејоделство и руралниот развој.
„Благодарен сум што нашиот успех со реализацијата на ИПАРД 2 програмата беше позитивно оценет од страна на Европската Комисија, која одлучи за 62% да ја зголеми европската поддршка со новата ИПАРД 3 програма. Па така во новата ИПАРД 3 програма Северна Македонија на располагање има 97 милиони евра европски средства наменети за модернизација на македонското земјоделство. Дадената доверба од страна на Европската Комисија, за нас е обврска истата да ја оправдаме, креирајќи нова успешна ИПАРД приказна“, истакна министерот Николовски.
Министерот Николовски нагласи дека Република Северна Македонија посветено и одговорно работи во остварување на задолженијата низ поглавјата во пристапните преговори, чекорејќи кон поставената цел, полноправно членство во Европската Унија. Во таа насока, како министерство, овој период работиме на повеќе проекти со цел усогласување на трите области земјоделство, шумарство и водостопанство, со регулативите на Европската Унија.
Заменик главниот преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу Халили во своето обрќање нагласи дека Северна Македонија е лидер во регионот што се однесува до искористувањето на фондовите од ИПАРД програмата.
„Горди сме што го потпишавме Финансискиот договор за Програмата ИПАРД 3 на почетокот на октомври. Покрај тоа, реализацијата на ИПАРД 2 Програмата е над 98%. Ова ни дава поттик и надеж дека ќе имаме 100% реализација на ИПАРД 3 Програмата, бидејќи првиот јавен повик е веќе објавен, со што Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе започне со спроведувањето на новиот ИПАРД програмски период“, истакна заменик главниот преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања Абдиу-Халили.
Како министерство го инициравме пилотирањето на проектот за реорганизација на држвната администрација во делот на земјоделството. Понатаму, активно работиме во насока за поголема транспарентонст во делот на управувањето со земјоделското земјиште, зајакнувајќи ги надлежностите на инспекторатот и разгледувајќи ја можноста за создавање на Агенција која ќе управува со земјоделското земјиште. Активно работиме во зголемување на капацитетот на Платежната агенција, преку проект на Светската Банка, креирајќи информациски систем за регистар на земјоделското земјиште, како и јасен систем за мерење на ефектите од финасиската поддршка која се дава во земјоделството.
Подготвени и во собраниска процедура се законот за пренос на системите и вработените во Платежната агенција, како и законот за советодавни услуги во земјоделството. До крајот на оваа година ќе биде подготвен предлог законот за земјоделство, рурален развој и заедничко уредување на пазарате, потоа закон за вино, закон за органско производство и закон за рибарство, целосно усогласени со регулативите на ЕУ, задача на која работната група активно работи овој период.
Секоја мерка и политика која министерството ја креира, овие години, била донесена во директна координација со земјоделците, преку постојаните подсекторски групи на министерството. Вака креираните мерки секогаш давале позитивни резултати.
Освен Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е институција носител за ова поглавје, македонската делегација ја сочинуваат и претставници од: Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државна комисија за спречување на корупцијата како и Секретаријатот за европски прашања.
Утре и задутре продолжува билатералниот скрининг за Поглавје 11, на кој ќе се презентира каков напредок имаме постигнато и што правиме за зајакнување на земјоделскиот пазар во нашата држава.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство