spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Северна Македонија се приклучи кон Европскиот центар за извонредност за справување...

МНР: Северна Македонија се приклучи кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Финска, заедно со директорката на Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани во Хелсинки, Теја Тииликаинен го потпишаа Меморандумот за пристапување на Северна Македонија кон споменатиот Центар, со што земјава стана 35-та земја учесничка.

Во своето обраќање, Османи истакна дека приклучувањето на Северна Македонија кон Центарот се случува во исклучително значаен момент кога целиот свет, вклучително и Северна Македонија се соочува со засилени хибридни напади.

“Приклучувањето на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани ќе одигра исклучително важна улога во градењето и јакнењето на националните капацитети за справување со овој тип предизвици. Истовремено, нашето учество ќе претставува додадена вредност, како за Центарот, така и за земјите учеснички кои се воедно членки на ЕУ и НАТО, поради можноста за наш придонес во размената на информации, искуства и најдобри практики, преку учеството на наши експерти во Центарот” – истакна Османи.

Воедно, Османи нагласи дека Северна Македонија како земја-членка на НАТО, активно и континуирано работи на подобрување на превенцијата, одговорот и справување со заканите кон критичната инфраструктура и клучните ресурси од јавниот и приватниот сектор, во што има значајна поддршка и помош од сојузниците и земјите-партнери.

Истовремено, Центарот може да послужи и како платформа за засилена билатерална и мултилатерална соработка со земјите-учеснички од ЕУ, во сите сегменти и домени опфатени со неговите активности, што ќе биде значајно за процесот на нашата натамошна интеграција во ЕУ.

Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани е основан под покровителство на ЕУ и НАТО во 2017 година, кој претставува независна меѓународна организација која вмрежува практиканти и експерти од земји членки на ЕУ и НАТО. Неговата мисија е да ја зајакне безбедноста на земјите-учеснички преку обезбедување експертиза и обуки, споделување на најдобрите практики, давање препораки, организирање вежби, како и тестирање на нови идеи и пристапи.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте