Северна Македонија ќе претседава со Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА) за 2024 година, во областа на реформата на јавната администрација на земјите од Западен Балкан.
На вчерашниот 15-ти состанок на Управниот Одбор на РеСПА во Сараево, присуствуваа министерот за Информатичко општество и администрација, Азир Алиу и заменикот министер Александар Бајдeвски, исто така и министрите одговорни за јавната администрација на Западен Балкан, високи претставници на Европската комисија, програмата ОЕЦД/СИГМА и други членови на Одборот.
Министерот за Правда на Босна и Херцеговина, г. Давор Буноза, официјално му го предаде претседавањето со Управниот одбор на РеСПА на министерот за Информатичко општество и администрација г. Азир Алиу.
Министерот Алиу во својот говор рече дека ќе се обиде да изгради атмосфера на поблиска регионална соработка.
,,Како нов претседавач ќе бидам максимално ангажиран за унапредување на дијалогот, регионалната соработка и политичкото внимание во клучните области на јавната администрација и европската интеграција на земјите од регионот”, рече министерот Алиу.
На средбата беше презентиран и Годишниот извештај на РеСПА и Буџетот за 2024-2025 година.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација