Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски беше на увид во реконструкцијата на една од најфреквентните улици во Прилеп, „Леце Котески”.
Во своето обраќање на настанот, премиерот Ковачевски истакна дека Владата на Република Северна Македонија за реализација на овој проект обезбеди близу 800 илјади евра.
Реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ е дел од проектот „Поврзување со локални патишта во општините” за што се инвестирани 70 милиони евра, а досега се опфатени преку 140 улици во над 60 општини.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
„Денеска сме тука меѓу прилепчани, на една од најфреквентните улици во Прилеп, „Леце Котески“, која е од големо значење не само за прилепчани, туку и за околните места.
Започнавме со реконструкција на оваа улица, каде, на мое големо задоволство, гледаме дека работите на терен се интензивираат. Со забрзано темпо се продолжува со поставување на нов слој на асфалт на улицата, каде се изведува нова пешачка и велосипедска патека во должина од 2 километри. Со оваа динамика, очекуваме зафатот да заврши во предвидениот рок.
Со рехабилитација на оваа улица го подигнуваме нивото на безбедноста за сообраќај и овозможуваме побрза комуникација со жителите од прилепскиот регион.
Владата на Република Северна Македонија за реализација на овој проект обезбеди близу 800 илјади евра. Реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ е дел од проектот „Поврзување со локални патишта во општините” за што се инвестирани 70 милиони евра, а досега се опфатени преку 140 улици во над 60 општини.
Инвестираме насекаде низ целата држава, се грижиме за рамномерен регионален развој.
Ги подобруваме условите за живот во општините, ја зголемуваме нивната финансиска независност. Бидејќи развиени општини значат силна економија.
Уште во 2018 година со 50 милиони евра им се помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг, со цел да се ослободат од долгови и блокирани сметки и со тоа да се стимулира нивниот развој.
Со измените во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ја зајакнавме децентрализацијата и овозможуваме трансфер на надлежностите од централно на локално ниво. Исто така со измените на Законот за финансирање на единици на локална самоуправа се зголеми и финансирањето на единиците на локална самоуправа преку издвојување на поголеми износи за општините.
Преку програмата ТАВ обезбедивме вкупно 94 инфраструктурни проекти низ целата држава директно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра.
Создадовме услови и за реализација на иновативни проекти со проектот „ЕУ за општините” во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје во вкупна вредност од 5,5 милиони евра.
Се грижиме и за одржливост. Со Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор се обезбедени средства во вкупна вредност од 25 милиони евра, од нив 5 милиони евра се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините.
А да не заборавиме и на уште еден крупен проект кој се реализираше изминатите десет години-„Водоснабдување и одведување отпадни води“, во рамките на кој со средства од 100 милиони евра поддржани се сите општини за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици.
За нас е подеднакво важно и Скопје, и Велес, и Штип, и Битола, и Прилеп.
Прилеп го поврзуваме локално и регионално. Проекти зацртани пред години, ние сега ги реализираме.
Комплетно го реконструиравме Плетвар, активно го градиме новиот експресен пат Градско-Прилеп. Целиот овој потег е под силен инфраструктурен зафат.
Го градиме активно експресниот пат Градско – Дреново – Фариш со кој овозможуваме поквалитетно поврзување од централниот дел на државата кон Пелагонија, а ја започнавме изградбата на автопатот Прилеп-Битола, со кој овозможуваме полесна помодерна врска на Коридорот 10-д кон Грција.
Изградивме и магистрален гасовод низ цела Пелагонија.
Прилепскиот регион е само еден од оние во кои реализираме инфраструктурна офанзива, бидејќи во сите други региони во државата се гради како никогаш досега.
Наш приоритет е изградба на модернизирана патна мрежа низ целата држава и на тоа сме целосно посветени.
Од стратешко значење за нашата држава е реализацијата на европските Коридори 8, 10 и кракот 10-д, со што даваме огромен придонес во регионалното инфраструктурно и патно поврзување.
Вложуваме и во железничкиот сообраќај. Започната е изградбата на железничката пруга на источниот дел на Коридорот 8, градиме пруга кон Бугарија, каде до сега инвестираме над 200 милиони евра.
Сега се вративме од Белград, каде со српската страна потпишавме Меморандум за соработка за воспоставување на брза железничка пруга од Ниш кон Скопје и крак до Меѓународен аеродром Скопје.
За прв пат во историјата на нашата земја се поврзуваме со модерна патна инфраструктура и на југ и на исток и на север и на запад. Дополнително и она што најмногу ги тишти и граѓаните и компаниите е функционалноста на железницата односно на транспортот и за таа цел после 32 години во Собранието веќе се наоѓа законот кој што е во финална фаза за одобрување за либерализација на железничкиот сообраќај во државата. До сега знаете дека кај нас имаше само едно претпријатие кое што можеше да обавува железнички транспорт за разлика од сите други држави во Европа во кои што транспортот е либерализиран. Тоа ќе го имаме сега и во Северна Македонија и веќе компаниите нема да имаат никаков застој во транспортот на нивните стоки од Солунското пристаниште или од било која друга дестинација до Македонија.
Тоа не се празни ветувања, тоа се проекти кои се видливи.
Како премиер се грижев и ќе се грижам насекаде каде се гради да има ефикасност во изведбата на нашите проекти. Како мала земја, нам ни е потребна силна патна инфраструктура и ќе се погрижам тоа да стане реалност.
Само така можеме да се поврземе со регионот и со ЕУ.
Република Северна Македонија се поставува на светската економска и патна мапа. Ние не може да се вратиме назад. Пред нас стои исполнување на втората стратешка цел по членството во НАТО, а тоа е полноправното членство во ЕУ. На тоа засилено работиме и тоа мораме заеднички да им го овозможиме на граѓаните.
Сакам во оваа прилика да се заблагодарам на изведувачите и на надзорот кои работат на овој патен правец, на оваа улица во Прилеп, меѓутоа ова не е само улица бидејќи се работи за една многу значајна сообраќајница која што покрај тоа што ја поврзува индустриската зона во Прилеп, ги поврзува општините Кривогаштани и градот Куршево, се работи за многу фреквентен пат и навистина е предизвик за изведувачите кои што и работат на пат кој што секогаш се користи за транспорт бидејќи не постои друга делница по која може да се организира транспортот додека ги изведуваат градежните работи но сепак како што и тие веруваат, како што е планот до крајот на ноември треба да биде поставен асфалтот на целата делница а подоцна да биде финализирано и зависно од временските услови и тротоарите на оваа значајна сообраќајница.
Благодарам!“
Извор: Влада