spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЖСПП: СОР28 ќе даде преглед на реализирани активности и јасен патоказ за...

МЖСПП: СОР28 ќе даде преглед на реализирани активности и јасен патоказ за праведна енергетска транзиција и финансирање на поставените климатски цели

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со својот долгогодишен партнер УНДП,организираше брифинг за новинари на кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за здравство д-р Фатмир Меџити ги презентираа очекувањата и позициите на државата за претстојната 28-ма Конференција на страните на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, што од 30 ноември до 12 декември ќе се одржува во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.

Она што е од особена важност за оваа Конференција е успешното завршување на првиот глобален преглед кој треба да даде насоки за следните циклуси на преглед на националните придонеси за Договорот од Париз и финансирање на активностите за постигнување на целите за намалени емисии на стакленички гасови и подобрување на отпорноста.

Целта на ОАЕ е да водат процес во кој сите страни ќе се договорат за јасен патоказ за забрзување на напредокот преку прагматична глобална енергетска транзиција и пристап „никого да не остави зад себе“ за инклузивна климатска акција.

Четирите столба од Акциската агенда на Претседателството COP28 се брзо следење на енергетската транзиција, фиксирање на финансирањето на климата, фокусирање на луѓето, животите и средствата за живот и поткрепување на сè со целосна инклузивност.

Дополнително на формалните преговори предвидено е учество на членовите на нашата делагација на тематски денови на високо ниво, како денот на здравјето, ден на енергетиката итн.

„Тоа што го правиме како држава е, што покажуваме со сопствениот пример дека имањето визија и амбициозните долгорочни и среднорочни цели се неопходни, а нивната реализација е остварлива со заедничко и партнерско дејствување“ информираше министерката Шукова давајќи преглед на главните позиции и очекувања на државата. Таа потенцираше дека од претстојната Конференција се очекува поставување јасна цел за адаптација, бидејќи влијанието на климатските промени врз луѓето и животната средина е евидентно и научно докажано, и во таа насока се очекува и операционализација на фондот за загуби и штети за што веќе се најавени конкретни локации од ЕУ и другите развиени земји.

„Дозволете ми да посочам дека нашите подготовки, политики и очекувања од претстојната конференција се врзани и со реализирање на регионалните заложби од Акцискиот план за спроведување на зелената агенда за Западниот Балкан и законодавството на ЕУ, како одговорна институција за спроведување на кластерот 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност“- додаде Шукова.

За инвестициската рамка за праведна енергетската транзиција која ќе биде презентирана во рамките на COP28, на 3 декември 2023 година информираше министерот за економија Крешник Бектеши кој изјави: „Работиме на воспоставување на Инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, која е во согласност со националните стратешки документи и има за цел да ги здружи нашите меѓународни партнери за поддршка на процесот на енергетска транзиција и мобилизирање на средства. Веруваме дека Платформата ќе ги покаже нашите јасни амбиции и намери за декарбонизација на економијата и ќе ја привлече потребната поддршка“. Бектеши најави дека веќе почнуваме да ги добиваме позитивните сигнали од таа активност и како пример ја наведе  поддршката од Климатскиот инвестициски фонд.

„Во февруари годинава бевме избрани како една од шесте земји и прва земја во Европа за програмата за забрзана транзиција на јаглен. Оттогаш, тесно соработуваме со ЕБОР, како водечки партнер, како и со Светската банка и ИФЦ, за да го подготвиме Инвестицискиот план кој претставува основа за мобилизирање на потребните средства за забрзана транзиција. Како резултат на идно одобрување на инвестицискиот план од страна на Комитетот на Фондот за доверба на CIF, ќе добиеме пристап до 85 милиони долари грантови и поволно финансирање за енергетска транзиција, заедно со околу 0,5 милијарди американски долари финансиски средства од мултилатералните банки“, рече Бектеши.

За реализација на овие процеси според Бектеши потребна е соработка, а веќе е евидентна подготвеноста на нашите партнери да ги поддржат целите на Инвестициската платформа и да ги поканат другите да ни се придружат на процесот.

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити ја потенцираше клучната важност на адаптацијата кон климатските промени.

„Мерките за адаптација спроведени во здравствениот сектор вклучуваат имплементација на енергетска ефикасност во здравствените установи, изминативе неколку години реновирани се околу 50 здравствени установи“ додадавајќи дека мерките за ублажување на климатските промени вклучуваат примена на природен гас и исклучување на мазутот за потребите на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, Болницата „8 Септември“, УК „Св. Наум Охридски“, ГАК Чаир во 2020 година и сите поголеми болници во Скопје, како и поставување на сончеви панели во Клиничката Болница во Штип и Болницата во Гостивар со поддршка на СЗО“ рече Меџити.

Тој додаде дека во 2022г. и Институтот за јавно здравје на РСМ започна активности зградата да стане енергетски ефикасна и го воведе новиот Автоклав со дробење на медицински отпад на принцип на намалување на отпечатокот од јаглерод од здравствените установи и да биде поеколошки и да работиме на тоа да станеме климатска одржлива установа.

На брифингот зборуваше и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации Армен Григоријан кој истакна „Климатските промени не се предизвик со кој можат државите да се соочат самостојно и надвор од глобалниот контекст. Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како што беше случај во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите Нации, ќе продолжи силно да ги поддржува чекорите кои ги преземаат владата и надлежните министерства за справување со овој предизвик“.  УНДП е дводецениски партнер на државата во овие процеси, особено во изработка на националните документи што се обврска според Рамковната Конвенција за климатски промени на Обединетите Нации и Договорот Париз во областа климатски промени.

 

 

 

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Прочитајте