spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски од Струмица: Згриживме над 300 деца во најголемата установа „Виножито“ и...

Ковачевски од Струмица: Згриживме над 300 деца во најголемата установа „Виножито“ и решивме долгогодишни потреби, инвестираме во градинките како никогаш досега

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, беше во посета на Јавната установа –детски градинки „Виножито’’, во Струмица, најголемата изградена установа за ран детски развој во државата, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјални услуги и Светска банка.

Со премиерот Ковачевски, беа и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски, по посетата:

„Најнапред благодарам на гостопримството да бидам дел од оваа градинка и од овој успешен проект. Овде се потврдува правилото дека работата дава резултати. Доказ е градинката „Виножито“, овде во Струмица, каде една година по изградбата и отворањето на овој современ објект, нè пречекаа насмеани деца, задоволни вработени и спокојни родители. И посебно е чувството кога тие резултати се насмеани деца, згрижени на топло и на безбедно, во нови и современи градинки, како што доликува на држава со перспективи, којашто успешно се развива по европскиот пат.

Градинката „Виножито”, која ја изградивме овде во Струмица е најголемата установа за ран детски развој во нашата држава, изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка. И е најголемата изградена градинка во Струмица, во мандатот на оваа Влада и на министерката Јована Тренчевска, која што е изградена со вкупна вредност на инвестицијата од околу 2 милиона евра.

Децата, тука во „Виножито“, се уверив и лично дека престојуваат во современи услови за предучилишно образование, игра, раст и развој, како што беше предвидено. Градинката има услови за греење на гас. Постојано се инвестира. И следен чекор е инвестиција во сензорна соба, за да се зголеми опфатот на деца со попреченост. Згрижени се и предвидените, над 300 деца во оваа навистина голема, современа и прекрасно опремена градинка.

Со оваа градинка го решивме долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во Струмица и околината. Работиме, тука, да овозможиме услови за дополнителен персонал за да ги згрижиме и новозаинтересираните, станува збор за околу 40-тина деца, со што, на ниво на Општина Струмица, сите деца за кои има интерес, ќе ни бидат во градинките.

Затоа што инвестирано е и во други градинки во општината. Преку Владата и Министерството за труд и социјална политика инвестирано е во доградби на градинката „Детска радост“, при што, во еден од клоновите веќе е зголемен капацитетот за 57 деца, а во друг е зголемен опфатот за уште 68 деца. Направена е и адаптација на уште еден објект од оваа градинка, во село Куклиш, со средства од Општина Струмица, со што уште 58 деца добија можност за посетување предучилишно воспитание и образование. И, во село Муртино, со средства од Општина Струмица, е направена група, во други просторни услови, за згрижување 27 деца, за кои имаше ваква потреба.

Оваа Влада посветено работи да ја врати довербата на граѓаните, дека постојат политички раководства за кои дадената доверба е чест и одговорност, а не привилегија, како што се практикуваше во едни други времиња. Наш врвен приоритет е иднината на нашите деца, затоа што младите се иднината на секоја држава.

Како Влада, направивме најмногу инвестиции во градинките, во историјата на државата. 10 населени места за прв пат добија градинки. Клонови на детски јавни установи се направени во уште 17 населени места.

Од почетокот на мандатот на Владата, отворени се вкупно 83 објекти за предучилишно образование. Од кои, 13 нови јавни детски градинки. 39 нови објекти во рамки на постојните јавни детски установи. Отворени се 31-на нова група со промена на просторни услови во постоечки објекти и во други просторни услови. Со тоа, овозможивме да бидат згрижени дополнителни 8.000 деца од предучилишна возраст во државата.

Конкретно за годинава, со пресекот во месец септември, околу 36.300 деца се запишани во јавните детски градинки и околу 3.000 деца се опфатени во приватните детски градинки.

До крајот на 2023 година се планира да бидат отворени капацитети за уште 530 деца на ниво на држава. А, до крајот на 2024 година, предвидовме отворање на дополнителни, околу 1.700 места, за згрижување деца од предучилишна возраст.

Во оваа прилика сакам да потенцирам дека од 2019 година до денес има значително зголемување и на платите во градинките во државата. И тоа, на раководителите за 43%, воспитувачите имаат за 54% поголема плата, негователите за 47%, хигиеничарите за 64%. Ова е доказ дека го цениме трудот на вработените, на кои им се доверени нашите деца.

Работиме со силен фокус кон капиталните инвестиции и потребите на граѓаните.

Не трошиме пари за фасади од стиропор којшто се распаѓа, за врби во Вардар што се сушат, за лажен барок, за лавови по мостови, за што цела деценија, во режим, без никаква контрола државните пари, милиони евра се одлеваа од граѓаните во приватни и партиски каси.

Наспроти тоа, ние минатата година ја завршивме со најголема реализација на капитални инвестиции досега, во вкупна вредност од 465 милиони евра, за клучни потреби на граѓаните. Имаме реализација на речиси 90 отсто од планираните капитални проекти, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години. И со предложениот Буџет во Собранието за 2024 година, предвидовме закрепнување на економијата по светската криза од глобалните случувања, поливалентните кризи кои се случија, но и раст на економијата, а со тоа и на животниот стандард.

Ние знаеме каде ја движиме државата. А тоа е напред.

Граѓаните конечно чувствуваат што значи стабилност и сигурност и што значи кога се има одговорна Влада, посветена да го унапреди нивниот квалитет на живот и да ги реализира стратешките цели. Децата да одат во европски градинки. Младите да учат во европски училишта. Институциите да функционираат по европски стандарди. Македонските граѓани да имаат европски живот во родната земја. И тоа ќе го направиме, повторно заедно со граѓаните.“

 

Извор: Влада

Прочитајте