spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМВР: Неопходен е поширок заеднички пристап со земјите од ЕУ за успешно...

МВР: Неопходен е поширок заеднички пристап со земјите од ЕУ за успешно сузбивање на криумчарењето мигранти

Денеска, (28.11.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Меѓународна конференција за Глобална алијанса за борба против криумчарењето мигранти, во Европската Комисија во Брисел, во присуство на колеги министри за внатрешни работи од целиот свет, а со цел градење на Повик за акција на засилена взаемна соработка.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ја отвори Конференцијата, а министерот Спасовски имаше свое обраќање во рамки на сесијата „Одговор на криумчарење мигранти”.

„Во рамки на Министерството за внатрешни работи успешно функционира Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која заедно со Одделот за гранични работи и миграции ги следи состојбите и делува проактивно во откривање на случаи на криумчарење на мигранти кои имаат елементи на организиран криминал, како и откривање на индивидуални случаи на криумчарење мигранти. Националната единица има воспоставено одлична соработка со останатите организациски единици во Министерството за внатрешни работи и во своите активности е поддржана од нив, но и од другите институции кои имаат клучна улога во оваа проблематика, како што е Јавното обвинителство”, истакна Спасовски, потенцирајќи дека борбата против криумчарењето мигранти и понатаму останува  врвен приоритет за МВР и Република Северна Македонија.

„Наша цел е да продолжиме со јакнењето на капацитетите на Националната единица и на Граничната полиција, особено во делот на подобрување на мобилноста, обуката на персоналот и модернизација на опремата. Од неодамна добивме и дополнителна поддршка преку спроведувањето на регионалниот ИПА проект „Поддршка за спречување и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“, насочен кон подобрување на условите за превенција и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој посочи дека од големо значење е и прекуграничната соработка, бидејќи споделувањето на сознанија, оперативни информации и теренски активности е повеќе од потребно.

„Продолжуваме да партиципираме во Работната група за Западен Балкан , да ја продлабочуваме соработката со нашите партнери од регионот и Европа,  преку меѓународните агенции за спроведување на законот, како што се Европол и Селек- на полициско и оперативно ниво и Eвро- џаст – на ниво на обвинители.

Веќе седум месеци спроведуваме заедничка операција со европската Агенција за гранична и крајбрежна стража, со цел засилен надзор на јужната граница, а на располагање се и сите нивни ресурси од технички аспект. Оваа помош е повеќе од добредојдена. Резултатите на терен покажуваат тренд на намалување на обидите за илегални преминувања  за 50% во однос на минатата година”, истакна Спасовски.

На крајот од своето обраќање Спасовски поентираше дека неопходен е поширок заеднички пристап, не само на регионално ниво, туку заедно со Европската Унија со здружени сили да се бараат прилагодливи модуси за успешно сузбивање на криумчарењето.  Притоа, тој истакна дека тоа веќе се реализира, за што упати благодарност за сета поддршка и помош која ја добива нашата држава од партнерите од ЕУ.

„Силно сум убеден дека сите наши заложби ќе резултираат со успеси. И оттаму, цврсто верувам дека заклучоците кои ќе произлезат од овој настан ќе помогнат кон проширување на нашите хоризонти во однос на обезбедување поефективно сузбивање на криумчарењето мигранти преку еден континуиран процес на заедничко делување”, рече  Спасовски.

По завршувањето на обраќањето на министерот Спасовски, од страна на Еврокомесарката Илва Јохансон беше изразена благодарност за споделените искуства и зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција.

„Драго ми е да слушнам дека соработката со ФРОНТЕКС е многу добра, и благодарам за споделување на вашите искуства со Националната Единица и како ги зајакнувате вашите капацитети. Инспиративно е тоа што го правите”, рече Еврокомесарката Јохансон.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк, да се обединиме во...

0
Почитувани, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски оствари средби со македонската дијаспора во Њујорк, САД. Присуствуваше на вечерната богослужба во чест на светите...