spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаБитиќи: Проекциите за демографските движења се реално согледување, заеднички да креираме решенија...

Битиќи: Проекциите за демографските движења се реално согледување, заеднички да креираме решенија кои бараат храбри одлуки

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој Државниот завод за статистика ги презентираше проекциите за населението до 2070 година, чии промотори се д-р Горан Пенев, меѓународен експерт и Јане Крстевски, експерт од Државниот завод за статистика.

Во продолжение, интегрално го проследуваме обраќањето на вицепремиерот Битиќи:

„Ви честитам Вам директоре и на целиот Ваш тим, кој знам дека е малку броен, што значи дека заслугите на сите вас се уште поголеми и позначајни. Ви честитам и ви благодарам на посветеноста и професионалноста, што државниот завод за статистика го претворате во институцијата која треба да биде. Вашата работа е непроценливо важна.

Затоа што, да не успееме да планираме, значи дека планираме да не успееме. Но, да планираме врз основа на, нереални, непознати или претпоставени моментални состојби не води кон дефинитивен неуспех.

Поради сето ова, многу ја ценам успешната работа завршена за пописот.

Верувам и ве уверувам дека успешно завршениот попис е едeн од најголемите и најважните потфати, кои, успешно ги завршивте, а денешното презентирање на публикацијата за проекциите на населението ни дава уште појасна слика.

Која мораме да ја имаме. Повторувам, мораме да ја имаме!

Проекциите на население, се дел од редовната работа на статистичките бироа, и пракса е да се прават после секој попис.

Проекциите на населението ни даваат простор за предвидување и доколку е потребна корекција на можните настани во иднината. Во овие податоци гледам голем потенцијал,  секако дека тие не може да бидат точни предвидувања, бидејќи и периодот од 50 години е многу долг период, но секако се насоки и основа за донесување на правилни одлуки и политики.

После долги години на нефункционирање на државниот завод за статистика, секако од политички причини, затоа што во нејасното, во темното, кога немаме не само точни, туку и воопшто немаме податоци, лесно е да се манипулира и заплашува и секако прикрива вистината и реалната состојба.

Па така, пописот кој го спроведовме во 2021 година, после 20 години, покажа дека во 20 години, во времето помеѓу двата реализирани  пописи 2002 до 2021 година, од земјава емигрирале околу 200.000 наши граѓани или околу 9 отсто.
Но делот кој најмногу загрижува се податоците за млади.

Во 2002 година вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал 480.828 или 24% од вкупното население. Според податоците од 2021 година, бројката за оваа категорија изнесува 326.733 или 18% од вкупниот број на населението. Во период од 20 години, бројот на млади на возраст од 15 до 29 години е намален за над 150.000 граѓани, или слободно може да кажеме дека оваа возрасна категорија се намалила за околу една третина.

Повеќе од 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не се во државата, односно не се евидентирани на последниот попис во 2021 година. Овој тренд се повторува и кај децата на возраст од 0 до 9 години, кои денес би имале 20 до 29 години, па така 16% од оваа група недостасува на последниот попис.

Податоците од пописот покажаа јасен тренд на заминување на младите во овие 20 години.

Проекциите укажуваат дека тој тренд ќе продолжи. Нашата земја веројатно нема да ја измине и трендот на засилена емиграција при влез во Европската Унија. Ова искуство го имаат сите земји при пристапувањето, но исто така и по влезот во Европска Унија бележат враќање на иселените граѓани назад во земјата, или задржување на бројот на население.

Денеска заедно ќе ги гледаме и презентираните податоци од проекциите на населението според кои, следните декади ќе бидат одбележани со намалување и стареење на населението. Делумно поради намалување на стапката на фертилитет и зголемување на животниот век, делумно поради емиграција на населението, посебно на младите.

Веројатно некој кој работи политички маркетинг и кампањи во моментов кога ме слуша си вели, грешка, ти не треба да си тој кој ги изговара овие бројки, оној кој укажува на лоша состојба, не во предизборна година.

Велам не. Драги мои сограѓани, треба да ги кажеме, треба да сме реални и јасни. Сите да понесеме одговорност и за тоа што довело до оваа состојба но и за носење на храбри одлуки во иднина.

Сметам дека е многу симболично што денеска овие проекции се презентираат токму во Собранието. За неколку месеци парламентарната сала ќе биде исполнета со нови 120 имиња и презимиња. Ако сите тие… но и сите вие… сите ние, не работиме заедно, за да одговориме на предизвиците – кои е јасно дека се пред нас, за жал, се плашам дека проекциите може да станат реалност.

И не смееме да ги премолчуваме, како вели онаа македонската народна „Да ги ставаме под тепих“, затоа што тие не исчезнуваат. Веќе се сопнуваме на нив.

Некој 20 години ни ги сокривал под тепих, 20 години не преземал ништо, 20 години некој ни ја крадел иднината.

Време е за поинаку, сметам дека следните неколку години се нашата шанса за да направиме вистинска промена. Која почнува од сите нас.

Затоа ве молам, сите до кој ќе стигне можеби оваа моја порака денеска, да бидеме корективот кој ни е потребен. Не критичарот, корективот. Да можеме да гледаме во податоци, во предизвици, без порив за обвинување, туку со желба за подобрување. Со разбирање на поголемиот контекст кој се случува околу нас и разбирање на нашето место и улога во него.

А потребата за решение е иста, и за Фатмир и за Бојан, Арта, Маја, Амра, Елвис.

Решението е во носење на системски промени и одлуки.

Кои носат предвидливост и доследност, без разлика на политичката волја, што носи нешто што е непроценливо важно за секој развој, а тоа е јакнење на сигурноста и довербата. Само со постојана реафирмација на сигурноста и довербата може да имаме слобода која носи кон креирање и исполнување на потенцијалите.

Решението е во поттикнување и создавање услови и простор за реализирање на овие потенцијали.

Да креираме едно општество во кое секој придонесува со својата посебност. Жени, маргинализирани групи, младите, старите луѓе, имигрантите, лицата со попреченост. Да сме отворени за можностите и да не се плашиме од промените и различностите.

Ова значи да градиме поинклузивна и отворена држава.

Да не ги следиме демографските случувања згрчени, исплашени и во шок, туку во нив да гледаме можност за креирање на поголема инклузивност и негување на човечкиот капитал.

Преку креирање на политики кои им го олеснуваат пристапот на жените на пазарот на трудот, привлекување на надарени луѓе однадвор, да продолжиме да работиме на интегрирање на малцинствата. Да ги охрабриме старите луѓе да останат активни, и после пензионирањето, во своите заедници, во економијата и во јавниот живот. Инклузивните општества се далеку поотпорни на демографските промени, со многу поголема веројатност да напредуваат, без оглед на бројната состојба на населението.

Решението е во завршување на интегрирањето кон Европската Унија и економски раст.

Решението е јасна визија.

Токму затоа ја креиравме Националната развојна стратегија која е заедничка резолуција, визија за тоа каде сакаме да бидеме сите ние заедно со развојот на нашата држава во следните 20 години. Нејзината реализација треба да ги надминува личните и партиски приоритети, затоа што Националната развојна стратегија ги исцртува јасно нашите национални интереси. Тие се јасно поделени во 6 стратешки области, кои е лесно да се следат и унапредуваат.

Националната развојна стратегија ја зема предвид демографијата како cross cutting планирање низ сите области, а во неа се веќе интегрирани и овие проекции на население.

И еве, следниот тест дали вистински сме подготвени заедно да исчекориме напред и вистински да работиме за иднината, е токму усвојувањето на Националната развојна стратегија, која е веќе скоро изготвена и за кратко ќе треба да биде изгласана во Собранието.

Почитувани,

Овие проекции, резултатите од пописот и се она што се креира како резултат од општественото живеење и може да се измери, треба да го мериме. Бидејќи само така можеме да носиме информирани политики базирани на докази.

Светот пред една година достигна 8 милијарди население. Но податоците укажуваат на една неверојатна разноврсност на демографскиот развој на регионално и национално ниво.

Овие светски демографски движења, но и домашните мора постојано да ги имаме предвид и да бидат главна појдовна точка при секое планирање и носење одлуки.

Податоците укажуваат дека голем број земји, вклучително и нашата бележат пад и стареење на населението.

Затоа имаме избор, да се плашиме да погледнеме во реалноста, како што тоа се правело години, децении наназад. Бидејќи ова не е процес кој е почнат неодамна, туку уште во 60тите години, само за него јавно и гласно, посебно не политичарите, не сме зборувале.

Или пак, да креираме нов стандард за како се соочуваме со предизвици, а тоа е со реално согледување и заедничко креирање на решенија и носење на храбри одлуки.

А тоа ќе ни даде  шанса за заедно да создадеме држава во која луѓето ќе сакаат да живеат. Во која ќе сакаат да креираат и создаваат семејства, дополнително да креираме услови да имаат онолку деца колку што посакуваат. Условите за посакуван фертилитет треба да се наша клучна водилка во овој процес, водејќи сметка за репродуктивните права на жените од една страна а јакнење на семејните политики и борба против стереотипите за родовите улоги во семејството и општеството, од друга страна. Да сме отворени кон различностите кои можеби ќе бидат додадена вредност на нашиот пазар на труд. Истовремено од него да не ги исклучуваме и старите луѓе, да не ги маргинализираме туку да ја користиме нивната мудрост и да ги вклучуваме во социјалниот и економскиот живот.

За ова да го постигнеме ни требаат податоци, како овие денеска, но не исклучиво.

Затоа уште еднаш честитки за одлично завршената работа на државниот завод за статистика, експертите како и на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации, бидејќи, секоја Влада мора да биде способна да ја проектира и предвиди својата демографска иднина, за да може да антиципира, планира и соодветно одговори. Ова е белег на „демографска отпорност“ но и одраз на државничка одговорност.

Ви благодарам.“`

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

МЗ: Средба со директорот на ФЗОМ – Разгледани можностите за проширување...

0
Министерот за здравство Арбен Таравари одржа состанок со директорот на Фондот за здравствено осигурување, д-р Александар Клековски, претставници на Фарамабренд-Нова (асоцијација на иновативни фармацевтски...