spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЖСПП: Членството во ЕУ ќе ни овозможи забрзување на зелената енергетска транзиција...

МЖСПП: Членството во ЕУ ќе ни овозможи забрзување на зелената енергетска транзиција и поздрава животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во рамки на владината кампања „Европска иднина, поблиску од кога било“, одржа панел-дискусија на тема: „Зелена енергетска транзиција и поздрава животна средина за европска иднина“.
Во насока на исполнување на стратешката определба на Северна Македонија за вклучување во Европската Унија, како и прифаќање на Европскиот зелен договор, како нова стратегија за раст на ЕУ, панелот беше можност за владата, академскиот и цивилниот сектор, секој од свој аспект да говори за своето дејствување и придонес за постигнување на националните цели.

Животната средина е една од најкомплексните области, таа е тесно поврзана со речиси сите други секторски политики и директно влијае врз квалитетот на животот на сегашните и на идните генерации, истакна на панелот министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

„Напорно се работи во усогласувањето на националното законодавство со европското бидејќи тоа е основа за воспоставување и функционирање на систем компатибилен со тој на ЕУ.  Апроксимацијата на законодавството од оваа област е опфатена со Поглавјето 27- животна средина и клима е едно од најкомплексните и најскапите поглавја.

Билатералниот скрининг со европската Комисија што се одржа на почетокот на јули во Брисел покажа дека државата е на добар пат, дека во некои области  е во напредна фаза, но во други е во почетна фаза или е соочена со силни предизвици во понатамошно усогласување на националното законодавство со европското.
Но, најголем предизвик на патот кон ЕУ е имплементацијата бидејќи станува збор за комплексна област со високи инвестициски побарувања за нивна реализација кои државата самостојно не може на краток рок да ги обезбеди“, рече Шукова.

Определбата на Северна Македонија за членство во ЕУ, отвора нови перспективи и можности потенцираше министерката, клучно е тоа што земјата ќе има пристап до европски фондови инвестициски банки, како и зголемена доверба за пристап до други меѓународни финансиски извори.

„Членството во ЕУ ќе ни овозможи пристап до финансиски средства што државата не може самостојно да ги обезбеди бидејќи станува збор за големи и скапи инфраструктурни проекти со кои ќе се постават модерни системи за пречистување на водите, ќе се воспостават регионални системи за управување со отпад што се засноваат врз селектирање, рециклирање и ре-употреба на отпадот, ќе се обезбеди  финансиска и експертска поддршка во воспоставување на системите за одржливо управување со заштитени подрачја, но и во градење на човечки капацитети на локално и национално ниво.

Главните придобивки од членството во ЕУ е што државата ќе обезбеди ресурси и експертска поддршка за обезбедување на повисоки, современи стандарди на живеење на граѓаните, преку заштита на природните вредности, обезбедување на чиста вода за пиење за секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии, пречистување на отпадните води, заштита на водните ресурси, почвата и воздухот“, истакна Шукова.

„Декарбонизацијата е една од главните столбови во политиките на ЕУ, што е и во согласност со нивната заложба за климатска акција според Договорот од Париз, чиј потписник е и Северна Македонија. Националните придонеси кон климатските промени имаат цел за нето намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Големо влијание врз климатските промени има и енергетскиот сектор“, истакна на панел-дискусијата Исмаил Лума, државен советник за енергетика во Министерство за економија.

„Според Националните утврдени придонеси кон климатските промени на Северна Македонија, поставивме амбициозен план за декарбонизација на економијата до крајот на оваа деценија. Оваа посветеност се усогласува со препорачаните временски рокови за земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), нагласувајќи го суштинскиот придонес на Северна Македонија кон исполнување на целите на Договорот од Париз. Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија во нашата држава бележи значителен пораст во изминатиот период, особено од фотонапонски електроцентрали и во најголем дел се приватни инвестиции без финансиска поддршка од државата. Тоа е доказ дека нашата држава има воспоставено ефикасна законска рамка која овозможува наплив на инвестиции во обновливи извори на енергија и се очекува овој тренд да продолжи“, истакна Лума.

Според Александар Дединец од Македонската академија на науките и уметностите, енергетски сектор во Северна Македонија има потенцијал од 11 GW за сончева фотоволтаична енергија и 0.35 GW за енергија од ветер на деградирано и неупотребливо земјиште, со што нашата држава има услови да биде лидер во регионалните напори за декарбонизација.

Потенцијалот на овие соларни електрани може е да произведат електрична енергија колку Северна Македонија да ја дуплира потрошувачката. Според него, ветерните електрани се малку поспецифични и изградбата на најдобри локации може обезбеди производство од околу 7.000 МW електрична енергија.

Овие податоци се дел од истражувањата во рамки на студијата изработена од страна на МАНУ, The Nature Conservancy и граѓанската организација Еко-свест, појасни Дединец и во истата е констатирано дека Северна Македонија има двојно повеќе земјиште кое е потребно за да се задоволат потребите за електрична енергија во земјата без непотребно влијание врз природата и локалните заедници.

Елена Николовска од Еко-свест на панел дискусијата истакна дека изработката на мапата за најсоодветни места за изградба на фотоволтаични и ветерни централи во Северна Македонија , кои не се во колизија со животната средина, е од голема важност за понатамошното енергетски планирање и носење на стратешки одлуки во државата.

„Во државата имаме многу голем потенцијал на вакви локации, документот беше изработен со институции, со академска фела, со граѓански организации кои работат на темата и дознаа со колкав капацитет од вакво земјиште располага нашата држава. Соработката меѓу широк спектар на експерти, институции, инвеститори, проектанти, граѓански организации и локални заедници е клучна за успешна енергетска транзиција“, додаде Николовска.

Панелистите се осврнаа на потребата од засилена енергетска транзиција, како и на придобивките за животната средина и подобрување на квалитетот на животот граѓаните и компаниите, со акцент на потребата од  процесите на прилагодување на националното законодавство и институции со тоа на Европската Унија и неговото спроведување.

 

Извор: Влада

Прочитајте

Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк, да се обединиме во...

0
Почитувани, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски оствари средби со македонската дијаспора во Њујорк, САД. Присуствуваше на вечерната богослужба во чест на светите...