Поради се поинтензивната дива продажба на храна и додатоци во исхраната на интернет, најчесто преку социјалните мрежи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат свесни и одговорни потрошувачи кога пазарат преку интернет. Зачестена е појавата продажба на непроверени, често и небезбедни производи преку социјалните мрежи, од страна на нерегистрирани/неодобрени оператори. За производите нема гаранција за безбедноста и истите може да бидат и опасни по човековиот живот и здравје.
Ги информираме потрошувачите дека инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ја контролира работата само на одобрените/регистрираните оператори со храна, односно на сите кои се внесени во легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние кои вршат електронска продажба на своите производи. Во рамки на своите можности и надлежности, преку Одделението за спречување на измами со храна и инспекциските служби, во соработка со други институции (МВР,Обвинителство и др) Агенцијата презема и активности за откривање на веродостојноста на профилите на лицата кои продаваат производи преку интернет и на социјалните мрежи.
АХВ ги информира потрошувачите дека на пазарот, преку социјалната мрежа FB (Zeolit MK) нелегално се продава додаток во исхрана Zeo Medic, ZEOLIT KLINOPTILOLIT,MIKRONIZOVAN AKTIVИРAN dijetetski proizvod. Станува збор за додаток во исхраната кој не е одобрен/регистриран од АХВ, за кој нема гаранција за безбедноста.
Ги повикуваме граѓаните пред да решат да купат храна или додатоци во исхраната преку интернет или социјалните мрежи, во Регистрите кои ги води АХВ (https://fva.gov.mk/mk/registri) да проверат дали операторите кои ги нудат ваквите производи се регистрирани, дали здравствените или нутритивните тврдења кои се истакнуваат на производите се одобрени или не, односно дали производите се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. До производителите или трговците кои нудат производи преку интернет и социјалните мрежи, а кои не се регистрирани, апелираме да го легализираат производството, односно да се регистрираат како оператори со храна.
Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, ги повикуваме граѓаните да не наседнуваат и да не купуваат непроверени и небезбедни производи кои се нудат преку социјалните мрежи од нерегистрирани/неодобрени оператори. За секоја недоследност, потрошувачите можат да ги известат надлежните инспекциски служби на Агенцијата, лично, на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.
Извор: Агенција за храна и ветеринарство