Секоја општина во државата има подеднакво право за развој, без исклучоци, а младите е потребно да имаат еднакви услови за нормален живот, соодветна едукација и кариерен развој, без разлика во која општина живеат.
На денешната средба на министерот за локална самоуправа, Златко Перински со градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев беа отворени сите активни проекти во општина Свети Николе, кои што се во насока на враќање на животот во општината во која во изминативе години, за жал, е забележан негативен тренд и зголемено иселување.
На состанокот се разговараше и за досегашната искористеност на средствата од буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и за побрзо завршување на веќе започнатите проекти.
Министерот Перински му понуди целосна поддршка на градоначалникот Владев за решавање на отворените прашања во општината. Градоначалникот на Свети Николе истакна дека општината веќе има готови инфраструктурни проекти со целосно подготвена техничка документација и се подготвени за аплицирање и за добивање средства за нивна реализација од централниот буџет.
„Убеден сум дека најавената финансиска помош за општините е одлична можност општина Свети Николе да делува во насока на развој на трите индустриски зони и изградба на други атрактивни нови содржини, кои би придонеле за подобрување на квалитетот на живот во овој крај. Верувам дека полека, но сигурно со заеднички сили ќе ја запреме зголемената миграција од Свети Николе и регионот, ќе го вратиме детскиот џагор, надежта за подобар живот на младите, сигурноста кај возрасните. Општина Свети Николе ќе има рамноправен статус и поддршка од Министерството за локална самоуправа и од Владата, како и останатите општини, ние никого не дискриминираме, напротив наша цел е да им дадеме шанса на сите општини и на сите граѓани,“ рече инистерот за локална самоуправа, Златко Перински.






























