spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниАеродром: Жителите од денеска можат да го рециклираат и да го селектираат...

Аеродром: Жителите од денеска можат да го рециклираат и да го селектираат отпадот

Општина Аеродром од денеска добива машини за рециклирање на ПЕТ пластични шишиња и лименки , а над 10 илјади домаќинства добиваат торби за домашна селекција на отпад од пакување.

Машините за рециклирање и торбите за примарна селекција на отпад од пакување за домашна употреба беа презентирани денеска во рамките на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ на настан што се одржа во ООУ „Лазо Ангеловски“.

  

         

Станува збор за 11 машини што се поставени во дворовите на сите основни училишта и во две градинки, со што преку мотото „Рециклирај, донирај, подобри“, Општина Аеродром има цел да ја подигне свеста за зачувување на здравата и чиста животна средина, особено кај најмладите.

  

Притоа со ова се развива конструктивна компетитивност меѓу основците, а Општина Аеродром ќе го валоризира рециклирањето во машините како директна субвенција за училиштата, затоа што повратните средства за секоја рециклажа ќе остануваат во самите училишта.

           

„Реализација на овој значаен проект има цел да ја заштити животната средина, но и да ја подигне свеста за значењето на рециклирањето и односот кон отпадот, воопшто. Токму затоа, 11-те машини за рециклирање ги поставивме во дворовите на училиштата и градинките, затоа што навиките се создаваат од најмала возраст. Се надевам дека претставуваме добар пример и оттука ги охрабруваме сите општини да имплементираат ваков или сличен проект, а ние сме тука да им дадеме безрезервна поддршка“, изјави в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во воведното излагање.

            

На настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој во своето обраќање истакна дека овој проект е од огромно значење за Општината и за државата, бидејќи не само што придонесува за почиста и поздрава животна средина туку претставува и мост до Европската Унија.

„Преку овој модел на зајакнување на капацитетите на општините за справување со големите количини отпад, како и едукација на граѓаните за важноста од селектирање и рециклирање, директно придонесуваме во насока на исполнување на критериумите од поглавјата поврзани со еколошки прашања и животната средина“, истакна Перински. Тој ја поздрави активноста и посветеноста на Општина Аеродром и испрати апел до сите општини да го следат овој пример.

Проектот се спроведува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и Швајцарската амбасада, кои за негова реализација издвоија околу 600 илјади евра.

„Во моментов на глобално ниво се соочуваме со голем проблем при управувањето на отпадот, а од друга страна, едно од најсложените прашања во преговорите за ваш пристап во Европската Унија е токму начинот на справување со отпадот, што се протега во повеќе поглавја“, нагласи Шефот на соработка при Делегацијата на Европска Унија, Штефен Худолин.

Тој го издвои фактот дека ЕУ досега има инвестирано директни 40 милиони евра и дополнителни 20 милиони евра токму за справување со ова прашање, но сè уште не се остварени посакуваните цели. 

„Постојат разчични начини за справување со отпадот, но јас сакам да ве поттикнам да продолжите со заемната поддршка меѓу општините, а ефектите да бидат прикажани на транспарентен начин“, порача Худолин.

       

    

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, во своето обраќање укажа на тоа дека  општините имаат многу важна одговорност при справувањето со отпадот и неговото правилно селектирање.

           

„Овој проект претставува иновативен пристап на Општина Аеродром затоа што не само што ја подига свеста кај најмладите туку и им остава простор за финансиски придобивки од селекцијата на отпадот“, изјави Улман.

           

Таа нагласи дека Швајцарија останува посветена на спроведување на зелената агенда во земјава, како и верен поддржувач на Општина Аеродром, каде што минатите години заеднички се реализирани голем број проекти од значење за граѓаните.

           

Општина Аеродром продолжува со реализација на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ и останува отворена за соработка со другите општини, за имплементација и на други вакви или слични проекти, со кои се зачувува животната средина, се придонесува за почист воздух и поздрава почва за сегашните и за идните генерации.

Извор: Општина Аеродром

Прочитајте