Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку ЗУМ-платформата се вклучи во јавната дебата на тема ,Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведувањето надзор“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата, на која учествуваа и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, вршителката на должност директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини.
Министерот Спасовски во своето обраќање рече:,,За нас во Министерството за внатрешни работи превенцијата и борбата со корупцијата претставува примарен постулат од кој не отстапуваме во изминативе години, согласно начелото на Владата борбата против корупцијата да го има третманот на еден од најважните национални интереси, од чија што реализација буквално зависи развојот и просперитетот на нашето општество во целина. Низата нови законски решенија, континуираните надградби на меѓуинституционалната, како внатрешна, така и меѓународна координација и соработка, потоа постојаната техничка и кадровска екипираност и едукација, се само дел од активностите за во таа наша решеност да се истрае и да се успее во борбата против корупцијата“.
Министерот Спасовски објасни дека од аспект на полициските истраги од областа на корупцијата во 2020 година беа откриени 97 кривични дела, за што кривично беа пријавени 161 сторител, за причинета материјална штета од околу 100,2 милиони денари. И во текот на оваа година МВР продолжи со тој засилен тренд на детектирање и правно процесирање, така што за периодот во првите десет месеци беа откриени и расчистени 114 кривични дела поврзани со корупција и коруптивни злоупотреби, што претставува над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата, споредбено со истиот период лани, а причинитетата материјална штета изнесува 97,3 милиони денари. Помеѓу кривичните дела од областа на корупцијата и понатаму најдоминантни се кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ со коруптивни елементи. Полицијата откри 77 такви дела во првите 10 месеци од оваа година, односно зголемен е бројот на реализации за 54% во однос на истиот период лани. За делата кривично се пријавени 147 сторители, а со нивното извршување предизвикана е материјална штета над 63,6 милиони денари.
Министерот за внатрешни работи укажа дека најголемиот ризик за корупција кога станува збор за институциите, вклучително и МВР, и натаму се манифестираат преку злоупотреба на службена положба и овластување при издавање на документи, дозволи, лиценци и решенија, а формите главно се со прифаќање на подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично, поради што неопходно е постоење на функционална поврзаност и формирање на заедничка база на податоци до кои ќе имаат пристап сите субјекти задолжени за борба против корупцијата, со цел размена на информации заради обезбедување одржлив систем на заеднички приод во реализирањето на сопствените обврски на институциите за неселективната борба против корупцијата.