Глобалните синџири на снабдување и потребата за олеснување на трговската размена што ќе придонесе за зголемена конкурентност, трговија и инвестиции се едни од главните теми на кои економистите дебатираат во последниот период. Особено оваа тема доби големо значење со нарушувањето на овие процеси во екот на пандемијата. Се увиде на големата реална интеграција на пазарите и снабдувачките синџири и нивната меѓузависност, што укажува на потребата од зголемени напори за олеснување на овие процеси.
Имено, нашата земја, според самата поставеност на економскиот развоен модел и зависноста од трговската размена и како мала и отворена економија, има посебен интерес кон трговски политики што се отворени и либерализирани. Отвореноста кон голем број пазари и земји придружена од соодветно валоризирање на компаративните предности што ги има нашата земја ќе доведе до поголемо ниво на странски инвестиции, подобрен трговски биланс, поголем извоз, нови работни места, зголемена продуктивност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Водени од овие постулати, оваа недела, на седница на Влада, го усвоивме Предлог-законот за изменување на Законот за Царинска тарифа. Оваа мерка е дизајнирана антиципирајќи го како макроекономскиот така и временскиот контекст на нашата и глобалната економија. Со овој закон трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на вкупно 258 производи што се увезуваат во нашата држава. При изборот на предложените тарифни ознаки за намалување беа запазени критериуми со кои ќе се максимира економската придобивка при истовремена заштита на домашното производство. Со фискална импликација од 810 милиони денари или 13 милиони евра од вкупно наплатуваните 17,5 милиони евра по основ на овие тарифи, мерката претставува намалување од 74% на досегашниот фискален товар по основ на овие тарифи. Односно, оваа мерка претставува учество од 12% во вкупните наплатени увозни давачки во 2020 година во вредност од околу 110 милиони евра. Ова укажува на обемот и опфатот на овој чекор во прилог на олеснување на царинскиот товар на нашите компании.
Сметам дека ваквите мерки дополнети со веќе постоечките мултилатерални и билатерални договори за либерализација на трговијата како што се Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА и билатералните договори со земји како Турција и Украина, кои овозможуваат пристап до пазар од преку 650 милиони потрошувачи, како и гарантните и кредитните шеми како што се кредитот за поддршка на извозот, царинските гаранции, како и Гарантниот фонд и Фондот за развој во Развојната банка коишто се предвидени во Планот за забрзан раст, ќе допринесат за дополнително зголемување на атрактивноста на нашата земја за странските инвеститори и зголемување на извозните капацитети на странските и домашните компании кои веќе оперираат во земјата.
Меѓународната трговија има значајна улога во економскиот раст
Значаен дел од емпириските истражувања во доменот на меѓународната трговија се во насока на искористување на нето-користа од слободната трговија. Да потсетиме дека „новите“ (веќе не толку нови, од денешна перспектива) теории на растот, преку делата на Гросман и Хелпман (1991, 1996) и Агион и Ховит (1992) нудат теоретска поддршка на предвидувањата дека трговската отвореност го помага економскиот раст на долг рок преку различни канали. Трговската либерализација, исто така, обезбедува посилна и подиверзифицирана мрежа на снабдувачи со интермедијарни добра (полупроизводи, материјали и суровини), дифузија на знаења и олеснет трансфер на технологии и искористување на економиите од обем. Преку наведените канали се зајакнува продуктивноста и конкурентноста на домашните фирми. Ова особено го нагласуваат ендогените модели на економскиот раст, според кои високиот степен на меѓународна трговска интеграција поволно влијае на економскиот раст. Поновите макроекономски истражувања изнесуваат докази дека трговски отворените економии бележат и повисоки стапки на економски растеж (на пример, Ајхенгрин, 2018), што е аргумент против протекционизмот. „Глобализаторите“ или економиите со повисок степен на меѓународна трговска интеграција успеале побрзо да ја намалат стапката на сиромаштија, се разбира, со правилно и навремено поставена социјална сигурносна мрежа за компензирање на губитниците од глобализацијата. Заклучокот е дека релацијата меѓу трговската отвореност и економскиот раст на долг рок е определена од мноштво фактори, но пред сѐ од способноста на локалните фирми и индустрии да се приспособат и да развијат капацитети за имитација или апсорпција на знаењата, кои се пренесуваат со меѓународната трговија.
За волја на вистината, ниту заговорниците на трговскиот протекционизам не се малобројни. Дел од емпириските истражувања говорат дека потребно е да се заштитуваат младите индустрии и дека не сите индустрии се подготвени да уживаат корист од меѓународниот трансфер на технологии и „know how“ (на пр., Родрик (1999), Јаникаја (2003) и Родригез (2006)). Трговската отвореност може да влијае и негативно на економскиот раст, доколку земјите се специјализирани за производи со низок квалитет. Од тие причини, овие автори препорачуваат внимателно водење стратешка трговска политика (strategic trade policy orientation).
Во следните редови ќе бидат изложени аргументите за натамошна, внимателно дизајнирана, трговска либерализација, преку хармонизација на царинските стапки со оние на Европската Унија. Притоа, фискалниот ефект на намалувањето на царинските стапки не беше проценуван само на краток рок, туку во динамична рамка, на подолг временски хоризонт, којшто ги отсликува и зголемената продуктивност и конкурентност на домашните производствени капацитети. Исто така, беше земена предвид и видно променетата структура на македонската економија во изминатата деценија и широко разгранетата палета на извозни производи, којашто ја создаваат не само странските компании туку и успешно реструктурираните домашни фирми. Беа анализирани интериндустриската трговија (прекугранична трговија меѓу различни сектори, којашто вообичаено се одвива во една насока) и интраиндустриската трговија (вертикална и хоризонтална компонента, во рамките на конкретна индустрија), со особено внимание на увозната зависност на домашните индустрии.
Мала и отворена економија и ЕУ најголем трговски партнер
Нашата земја во последниот период има направено значаен напредок во подобрување на перформансот во однос на трговската размена. Претходната година, иако со големи ефекти од големото нарушување што беше предизвикано од пандемијата, остваривме вкупен извоз од 5,8 милијарди евра што претставува зголемување од 41% споредено со нивото во 2015 година, а ако се спореди со извозот во годината пред пандемијата (2019) зголемувањето е на ниво од 57% во однос на 2015 година. Притоа, најголем пазар за нашите извозници претставува ЕУ каде што е остварен околу 80% од вкупниот извоз во првите десет месеци од 2021 година.
Покрај зголеменото ниво на извоз и подобрениот трговски биланс, може да видиме и јасен тренд на квалитативна промена во однос на структурата на овој извоз. На пример, извозот на машини и транспортни уреди во 2020 година учествува со 33% проценти во вредноста на вкупниот извоз споредено со нивото од 25% во 2015 односно 6% во 2010 година. Следствено на тоа, зголемувањето на увозот може да се каже дека е амортизирано со додадената вредност што се креира, а тоа директно може да се види од континуираниот тренд на зголемена покриеност на увозот со извоз. За споредба, покриеноста на увозот со извоз во 2015 година беше на ниво од 70%, додека пак во 2020 година, иако година на пандемија, достигна ниво од 76,1%.
Значителен дел од овие производи наменети за извоз се користат како репроматеријали и интермедијарни продукти коишто се преработуваат во нашата земја. Оттука, увозните политики, трговските договори и царинските давачки се суштински и имаат посебна важност за нашата земја. Оваа важност може да се види и во самиот факт на учеството на трговијата во БДП на нашата земја, коешто достигна ниво од околу 130% во 2020 година според податоците на Светска банка. Ова е повисоко ниво од сите други земји од регионот. Имено, во Србија овој индикатор е на ниво од 105%, во Бугарија 110%, во Хрватска 91%, во Босна и Херцеговина 83% и во Албанија 61%. Ова укажува на отвореноста на нашата економија и потребата за засилен ангажман во прилог на креирање нови можности за компаниите извознички.
Поддршката на извозот важна компонента на економските политики
Еден од начините да се придонесе кон овие цели се трговските мултилатерални и билатерални договори. Република Северна Македонија има склучено договори за либерализација на трговијата како што се Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, билатерални договори со Турција и Украина, а воедно е и членка на Светската трговска организација од 2003 година. Овие договори овозможуваат пристап до пазар од преку 650 милиони потрошувачи. За значењето на овие договори во насока на унапредување на трговската размена укажува самиот факт што над 90% од трговската размена на земјата е токму со овие земји. Може да се заклучи дека само отворањето на каналите на соработка и либерализација на трговијата со одредени региони и земји, доведува до засилена економска соработка со истите. Оттука, сметам дека е многу важно во идниот период да вложиме напори за проширување на пазарите особено со цел нашата понуда за странските директни инвеститори, коишто се претежно извозно- ориентирани, да биде што побогата. Ова, дополнето со веќе воспоставените стратегии и планови за забрзан раст и мобилизирање на домашен и странски капитал за подобрување на физичката инфраструктура, зелената транзиција, дигитализацијата и човечкиот капитал ќе помогне при постигнувањето на поставените цели.
Друг многу важен канал, за кој деновиве преземавме конкретни чекори, е олеснување на царинските давачки и процедурите за увоз на полупроизводи, репроматеријали и суровини и извоз на продукти со поголема додадена вредност. Имено, минатата недела на седница на Влада донесовме Предлог-закон за Царинска тарифа со кој се олеснуваат тарифните давачки за 258 производи. Во еден инклузивен процес во кој беа консултирани сите засегнати страни и особено стопанските комори како најзаинтересиран партнер, Министерството за финансии, во соработка со Министерството за економија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и Царинската управа, состави листа на производи за кои се олеснуваат односно намалуваат царинските давачки. Овој закон е дополнителен чекор во насока на хармонизирање на царинските давачки со Европска Унија, каде што ние целиме да бидеме членки.
Најголемиот дел од намалените царински стапки се однесува на индустриски стоки кои се користат како суровини и репроматеријали во технолошко напредното производство, во секторите на автомобилската индустрија, металопреработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и почетокот на 2021 година се соочија со сериозни потешкотии. Исто така, во услови на енергетска криза и голем ценовен притисок кај енергенсите, овој предлог-закон предвидува укинување на царинската стапка на природниот гас. Со укинување на оваа царинска стапка се дава значајна поддршка на домашните компании и индустријата преку намалување на трошоците за производство. Истовремено, се придонесува и кон поголема ценовна стабилност, а се поттикнува користење помалку загадувачки енергенси. Вкупната поддршка што се дава на стопанството со овој предлог-закон изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра на годишно ниво.
Хармонизирањето на царинските стапки за дел од тарифните броеви се очекува да има многу позитивно влијание врз бизнис климата во која функционира нашето стопанство. Ова е особено значајно кога светската и нашата економија се справуваат со последиците од пандемијата. Хармонизирањето на царинските стапки заедно со имплементацијата на ревидираната ПЕМ конвенција, којашто стапи на сила на 2.11.2021 година ќе придонесат за постепено прилагодување на условите што постојат на пазарот на ЕУ. Ваквото постепено прилагодување е во функција на подготовка на македонските компании кон високо конкурентниот европски пазар.
Дополнително, во економија како нашата, поттикнувањето и поддршката на извозно ориентираните компании е суштинско за понатамошниот одржлив развој. Поголемата извозна активност и зголемената компетитивност на овие компании во меѓународната економија ќе придонесат за проширување на постојните капацитети, зголемување на продуктивноста, зголемена вработеност и зголемени плати како и привлекување дополнителни придружни капацитети за поддршка на овие индустрии и компании. Многу е важно да се напомене дека е широко позната додадената вредност што ја носат овие компании во економското делување на земјата, преку know-how, што како позитивен нусефект се одразува и во делувањето на другите економските оператори.
Глобални синџири на вредност и паметна специјализација
Надворешната трговија во услови на глобализација и технолошки развој, како што објаснува Кругман во неговата теорија за која доби Нобелова награда, се заснова на премисата дека многу стоки и услуги може да се произведуваат поевтино во долги серии, концепт општопознат како економии на обем. Во меѓувреме, потрошувачите бараат разновидна понуда на стоки. Како резултат на тоа, малото производство за локалниот пазар се заменува со големо производство за светскиот пазар, каде што фирмите со слични производи се натпреваруваат една со друга. Така се создаваат т.н. глобални синџири на вредност што имплицира специјализација на одредени земји за одредени фази од глобалниот производствен процес зависно од областа во која имаат поголема конкурентност. Оваа теорија веќе стана основа на официјалните развојни политики, односно стратегии за паметна (smart) специјализација на земјите на ОЕЦД, ЕУ и други меѓународни организации. Ова е концептот на којшто се работи со Стратегијата за паметна (smart) специјализација за нашата економија со цел да се идентификуваат областите со расположливи ресурси и потенцијал, преку инвестиции во истражување и иновации, да станат конкурентни. Со тоа ќе се овозможи поголема вклученост на нашите компании во глобалните синџири на вредност, како и во привлекувањето инвестиции за области каде што ќе бидеме поконкурентни на глобалниот пазар.
Глобализацијата, предизвиците и перспективите
Неолибералниот концепт на надворешната трговија како и за глобализацијата укажуваат на позитивниот импакт врз економскиот раст, економската соработка, зголемувањето на конкуренцијата, намалувањето на цените, подобрувањето на квалитетот на добрата, а воедно придонесува и за зголемување на инвестициите, вработеноста, но и повеќе инвестиции во истражување и развој, иновации што водат до повисок технолошки развој и нови перспективи за раст и развој. На овие неокласични претпоставки се базираат и политиките на меѓународните финансиски институции, пред сѐ на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка. Но, исто така, сѐ поактуелна станува дебатата во однос на големите предизвици што произлегуваат од овој процес, како што се различната динамика на развиеност и распределбата на доходот, а со тоа и зголемувањето на социјалната и географската нееднаквост. Тука, пред сѐ мислам на „незадоволството“ на Штиглиц кон глобализацијата дека не го испорачува растот како што тоа се опишува од неолибералните економисти , особено поради продлабочување на јазот помеѓу развиените земји и земјите во развој, но и помеѓу различните социјални слоеви во општеството. Тој повикува на потребата за компензација на „губитниците“ од процесот на глобализацијата преку социјални мерки и поддршка на земјите во развој, а притоа укажува на потребата за реформирање на меѓународните организации во насока на поефикасно адресирање на глобалните теми што претставуваат заеднички предизвик како што се климатските промени. Оттука, сметам дека можеме да бидеме оптимисти за позитивни движења на светско ниво, со оглед на фактот дека во последно време климатските промени и зелениот развој земаат сѐ позначајно место во агендите на меѓународните организации и форуми. Ние навремено се вклучивме во овие трендови и, со усвоените стратегии и мерки, веќе сме дел од тие иницијативи, вклучително и во Зелената агенда и заложбите за остварување на целите за одржлив развој на Обединетите нации, дигитална трансформација, поддршка на иновации и развој на човечкиот капитал.
Извор: Министерство за финансии