Благодарница за афирмација на Општина Кисела Вода и развојот на спортот, денес од градоначалникот Ѓорѓиевски доби македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски.
Овој успешен спортист од Драчево, кариерата ја започна во фудбалскиот клуб “Цементарница” од Кисела Вода, а потоа го носеше напаѓачкиот дрес и во клубови во Хрватска, Белгија, во Италија и Шпанија, како и во Дански “Алборг”.
На средбата во Општина Кисела Вода, репрезентативецот Трајковски на градоначалникот Ѓорѓиевски му подари дрес од македонската репрезентација.
-Нашиот Александар е вистински пример како треба да се развива еден модерен и современ спортист. Неговиот пример и развој треба да го следат идните генерации фудбалери кои во иднина ќе го достигнат зенитот на нивната кариера. Од Кисела Вода преку Хрватска, Белгија, Италија и Шпанија, промовирајќи го цврстиот менталитет на вистински спортист, претставува пример за развој на млад спортист со успешна кариера. Головите во најсилните европски лиги и за македонската репрезентација, се показател за неговиот труд и желба за постојано напредување. Општина Кисела Вода му посакува успех во понатамошната кариера како напаѓач на данскиот Алборг, како и во баражот за светското првенство кое ќе се одржи во Катар идната година, против Италија во март-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по средбата со македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски во својот кабинет.
Извор: Општина Кисела Вода