Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер учествуваше на панелот на тема „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, организиран по повод одбележувањето на Денот на Европа, од страна на Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија, Делегацијата на Европската унија и Европската куќа.
Фокусот на дебатата беше ставен врз актуелните прашања поврзани со процесот на европската интеграција, особено поврзани со конференцијата „Иднината на Европа“, политиката на проширување на Европската Унија, европската перспектива на земјите од регионот со посебен фокус на Северна Македонија.
Државната секретарка Габер во своето обраќање посочи дека иднината на Европа е неразделно поврзана со европската перспектива на Западниот Балкан и со кредибилитетот на Унијата, поради што политиката за проширување, како една од најважните политики на ЕУ, нема да биде успешна сè додека не заврши интеграцијата на овој регион во Унијата.
„Ова е регион опкружен со земји-членки на ЕУ и не може и не смее да се изостави од европското семејство каде што и вредносно припаѓаме. Единствената одржлива иднина за мојата земја, за регионот е европската – онаа каде границите не се важни, каде различностите се богатство, а не причина за поделби. Картата на Европа нè обврзува да работиме заедно на одржување на мирот, единството, стабилноста и просперитетот на нашиот континент и тоа е нашето наследство за следните генерации. Треба да се вратиме на основите врз кои сакаме да ја градиме нашата заедничка иднина и интеграцијата на Западниот Балкан има клучна улога во таа смисла поради што овие земји и нашите граѓани треба да бидат вклучени во Конференцијата за иднината на Европа“, истакна Габер.
Во продолжение, државната секретарка Габер се осврна на конкретните достигнувања во реформскиот процес, но укажа дека за одржување на транформативната моќ и влијанието на Унијата, неопходно е спроведување на одлуката за почеток на преговори.
„Пораката што ЕУ ќе ја испрати до Северна Македонија во однос на официјалното отпочнување на пристапните преговори ќе има големо влијание врз целиот регион и европската иднина на земјите од Западен Балкан, бидејќи е тест за сериозноста, предвидливоста и доследноста на ЕУ во носењето и спроведувањето на своите одлуки“, заклучи Габер.
Поздравни обраќања имаа Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење и Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, а во рамките на настанот беше доделена и плакетата за Европска личност на 2020 година на др. Илир Демири. На дебатата учествуваа и Н.Е. Анке Холштајн, амбасадорка на СР Германија, Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Арта Биљали-Зендели, заменик-претседателка на Комисијата за европски прашања, и Мухамед Халили, петседател на Советот на амбасадори.
Соговорниците се согласија дека Северна Македонија ги исполни условите за почеток на пристапните преговори и дека е потребен официјален старт преку усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина комисија, прашање кое е од големо значење и за европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан.