Министерството за информатичко општество и администрација, како надлежна институција за промоција на информатичкото општество во државата, продолжува со процесите на дигитализација, вклучително и унапредување на знаењата на клучните чинители во овие процеси.
Во таа насока, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, денеска потпишаа Меморандум за соработка, за имплементација на проектот „Трансфер на знаење за дигитализацијата во јавната администрација во земјите од Западен Балкан“.
Целта на проектот е да се пренесат реформските искуства на Словачка и поддршка за ефикасно функционирање на државната администрација во областа на дигитализацијата, согласно интегративниот процес на Европската Унија.
Соработката ќе резултира со одржување на работилници на кои ќе учествуваат вработените во јавната администрација, како и завршна конференција. Трошоците ќе бидат покриени од страна на т.н. „Словачка помош“(SlovakAid)- Официјална развојна помош на Словачката Република.
„Процесот на дигитализација е една од клучните определби на МИОА опфатени и со Реформата на јавната администрација 2018-2022, поради што унапредувањето на знаењата на вработените во јавната администрација е приоритет“, рече министерот Шаќири.
Според министерот, дигитализацијата на процесите во јавната администрација е од клучно значење за дигитализацијата на општеството во целина, така што секој влог во унапредувањето на вештините и знаењата на јавната администрација, претставува влог во унапредување на општествените процеси.
Министерот Шаќири му се заблагодари на амбасадорот Маркуш за одличната соработка, истакнувајќи дека овој убав гест на пријателство од страна на Словачката амбасада е од големо значење за остварување на целите на Владата на Република Северна Македонија кои се однесуваат на подобрување на квалитетот на испорака на јавните услуги преку нивно дигитализирање.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација