Министерството за образование и наука информира дека резултатите од државната матура за учебната 2021-2022 година се веќе објавени и учениците можат да ги погледнат на огласните табли во училиштата, како и електронски преку најава на порталот rezultati.dic.edu.mk. Резултатите се објавени 12 дена порано од законски предвидениот рок.
Согласно информациите од Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот кој се реализира од 2007 година, средната оценка на екстерните испити е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61.
Одделно по предмети, средна оценка од 4,00 е постигната по мајчин јазик, 3,48 по англиски, 4,79 по француски, 4,70 по германски и 5,00 по руски јазик, 4,18 по математика, 3,93 по филозофија и 4,54 по естетика.
Следува период на приговори, кои учениците може да ги поднесуваат до училиштата заклучно со 5 јули 2022 година. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули 2022 година. Увидот во тестовите лично од страна на кандидатите е на 13 јули во ДИЦ, по претходна најава и телефонско закажување термин на 12 јули 2022 година.
Годинава за државна матура се пријавија 15.899 ученици, а полагањето се спроведуваше по идентичен концепт како и минатата учебна година, кој беше утврден во договор со средношколците, според кој тие полагаат два екстерни, два интерни предмети и проектна задача со скратени испитни програми.
Во процесот беа ангажирани околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.