На маргините на 77-мото Генерално собрание на Обединетите нации, министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со својот колега од Република Естонија, Урмас Реинсалy.
Во светло на промените во европската безбедност и севкупните последици предизвикани од руската агресија врз Украина, соговорниците разменија мислења за продлабочување на сојузништвото во рамките на НАТО и зајакнувањето на Источното крило на Алијансата. Воедно, министерот Османи кратко го брифираше својот хомолог за отпочнатите преговори со Европската Унија и идните чекори, апострофирајќи ја високата подготвеност на земјата за успешен и брз преговарачки процес.
На средбата беше изразено задоволство од динамизираниот тренд на билатералните односи меѓу двете земји и беа реафирмирани заложбите во претстојниот период да продолжи развојот на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Министерот Османи ја подвлече важноста и потребата за користење на естонското искуство, особено во сферата на дигитализација за нашето општество.