На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес во Берлин министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со комесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји.
На средбата министерот Османи го поздрави неодамна објавениот Извештај на ЕК за Северна Македонија, со кој се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок“, пред се, со оглед на 100-процентното придружување кон позициите на ЕУ во рамките на нејзината надворешна политика.
Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер.
Османи изрази благодарност за работата на Европската комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од 1 милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.