Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со заменик постојната претставничка на УНДП, Сања Бојаниќ и директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Беким Мурати присуствуваа на промоцијата на новата мерка од Оперативниот план за активни мерки и програми „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“.
Министерката за труд и социјална политика во своето обраќање ја потенцира успешноста на Оперативниот план за 2022 година кој досега има реализација од вкупно 75% за сите мерки и како најатрактивни ги посочи дека се мерките за самовработување и обуките за ИТ вештини.
„Денеска ја промовираме мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ која треба да го поттикне создавањето на нови вработувања и воедно да го забрза процесот на зелена трансформација на приватниот сектор преку воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата“ рече Тренчевска.
Во своето обраќање директорот на АВРСМ појасни што се предвидува со новата мерка од Оперативниот план.
„Со мерката се предвидува финансиска поддршка во вид на грант за 100 нови вработувања и истата изнесува од 205.000 денари до 615.000 денари, зависно од бројот на одобрени вработувања кај работодавачи од приватниот сектор, кои се заинтересирани за отворање на нови работни места и зелени инвестиции “ рече Мурати.