Во организација на граѓанското здружение Хабитат-Македонија во сработка со Министерството за транспорт и врски денеска се оддржа трибина на која се разговараше за измени на Законот за домување. На трибината покрај претставници од министерството и Хабитат, присуствуваа и сегашни и поранешни градоначалници, станбени инспектори, управители на згради, претставници од станбените единици.
Во трибината се отворија прашања во насока на подобрување на сегашната законска регулатива. На трибината се обрати министерот Благој Бочварски чии говор го пренесуваме во целот:
“На почетокот би сакал да се заблагодарам на поканата од Организаторот и да ја поздравам оваа дебата која е во насока на подобрување на регулативата што го опфаќа колективното домување.
Овде присутни сте претставници од институциите, од бизнис коморите, граѓански сектор, експерти во оваа област и се надевам дека сите заеднички ќе иницираме нови идеи и насоки за подбрување на условите и развој на станбениот сектор во државата.
Правото на домување е дел од правото на соодветен животен стандард и како дел од Универзалната декларација на човекови права, имаме задача ги обезбедиме сите неоходни услови да организираме, да регулираме и да воспоставиме соодветни услови за домување за сите.
Во Република Северна Македонија е донесен Закон за домување со кој се регулираат односите во делот на колективното домување и истиот закон претрпе неколку промени. Досегашната примена на овој Закон наидува на одредени непрецизности на одделни одредби кои во периодот на нивно креирање биле ограничени од повеќе аспекти.
Дополнително во примената на Законот за домување во пракса се забележуваат одреден дисбаланс на релација сопственици на станови – управители и обратно со што очигледо се наметнува потребата за доуредување и подобрување на сегашната регулатива.
Во таа насока имаме обврска да ги доуредиме законските решенија заради нивна прецизна примена, бидејќи на крај на денот со тоа ќе им олесниме на граѓаните кои живеат во објектите за колективни домувања, а од друга страна и управителите ќе имаат подобар пристап во извршување на своите обврски.
Статистичките податоци покажуваат дека во земјава регистрирани се околу 2700 заедници на сопственици. Додека, управителите управуваат со околу 99 илјади станови. Со спроведениот попис од 2021 година, регистрирани се околу 800 илјади станови во Република Северна Македонија што укажува дека во најголемиот дел од зградите во етажна сопственост и воопшто не е уредено управувањето со заедничките делови од зградите.
Тука морам да спомнам и еден факт а тоа е дека овој сектор вработува преку 4 илјади луѓе што само по себе говори од потребата од добра законска регулатива применлива во пракса.
Законот за домување е комплексен, но ќе се сложиме сите овде, сметаме дека постои огромен простор за негово доуредување како одговор на сите нови состојби што се јавуваат во оваа дејност.
И ја имате целата подршка од Министерството за трнспорт и врски. Во таа насока, формирана е токму оваа работна група составена од повеќе државни и други институции која работеше на забелешките кои технички треба да ги преточиме во едно ново законско решение.
Оваа денешна дебата не е само од аспект на транспарентноста што ја применуваме при изготвување на законските прописи, туку дополнително очекувам да се иницираат и нови идеи од сите засегнати страни вклучени во процесот на домувањето и нивно вградување во идниот текст на Законот за домување.
Се надеваме дека со изготвување на подобрено законско решение значително ќе се овозможи да се надминат проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат во праксата,како и да се надополнат постојните правни празнини во законската регулатива, со што значително ќе се подобри квалитетот и ќе се унапредат стандардите во заедничкото живеење во интерес на граѓаните, општините и државата.
Очекувам дека овој процес ќе го заокружиме многу брзо и веќе следната година за четири до пет месеци од сега, Министерството ќе го подготвни текстот со измените на Законот и ќе го достави до Влада на разгледување.
Веруваме дека постојат и дополнителни прашања, овде се присутни и колегите од Министерство кои работеа на Законот и неговите измени и тие ќе дадат конкретни видувања во овој сегмент”, истакна министерот Бочварски.