Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити присуствуваше на првиот роденден на првата македонска шема за електронска идентификација – OneID, лансирана од страна на КИБС и Некстсенс.
Алити истакна дека Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, е основата за обезбедување на доверливи услуги, вклучително и шемите за електронска идентификација што овозможи да се изгради доверба и сигурност при интеракцијата меѓу сите чинители со употреба на напредни технолошки решенија.
Министерот потенцираше дека дигитализацијата е најефикасниот начин за борбата против корупцијата, а воедно е и суштинската реформа на јавната администрација.
,,OneID како прва шема за електронска идентификација во нашата земја ја позиционираше Република Северна Македонија на исто ниво на имплементација на стандардите за безбедност на Европската унија, кои се однесуваат на примена на иновативни решенија во дигиталниот екосистем, рече министерот. Тој додаде дека воведувањето на OneID услугата за електронска идентификација позитивно влијае на развојот на нови иновативни домашни софтверски решенија кои ќе го забрзаат севкупниот развој на информатичкото општество.
Со воведувањето на услуги за електронска идентификација, Република Северна Македонија се позиционира како лидер на дигитална трансформација во регионот со квалитет и стандарди на ниво на водечките економии во Европа, рече Алити.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација