spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаНационален електронски идентитет за секој граѓанин

Национален електронски идентитет за секој граѓанин

Владата на Република Северна Македонија ја одржа 121-та седница.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за внатрешни работи, за потребата од изработување План за воспоставување Национален електронски идентитет за секој граѓанин и го разгледа и прифати Планот, заедно со План за реализација.

Целта е доделување електронски идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија, што, според посочувањето од Министерството за внатрешни работи, треба да е носечки столб за дигиталната трансформација на општеството, со тоа што ќе овозможува унифициран пристап за користење на електронските услуги и размената на податоци, како во државата така и надвор од неа (земјите од Западен Балкан и Европската Унија).

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со Планот за реорганизација на Министерството за економија, при што е задолжено Министерството да го спроведе Планот, според роковите утврдени во него.

Согласно Планот, се предвидува спојување на Државниот пазарен инспекторат со Државниот инспекторат за техничка инспекција и формирање единствена институција од типот на инспекциски надзор, подредена на Министерството за економија –  Државен пазарен и технички инспекторат. Според овој пример, предвидени се спојувања и на: Фондот за иновации и технолошки развој со Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија; на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со Дирекција за технолошко индустриски развојни зони и на Агенција за енергетика со Агенција за задолжителни нафтени резерви.

Министерството за економија го спроведува Планот за реорганизација на Министерството, согласно заклучок на Владата од седницата на 8 март 2022 година, кога Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа задолжени да започнат со спроведување на првиот пилот проект на министерскиот систем, согласно препораките од Интегрираниот извештај за државна реорганизација.

Владата денеска ја усвои Програмата за работа на Владата за 2023 година, којашто е во функција на остварување на стратешките приоритети и приоритетните цели за 2023 година на Владата на Република Северна Македонија содржани во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022 – 2024 година. Тоа се:

  • Обезбедување забрзан, одржлив и инклузивен економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните;
  • Унапредување на енергетската транзиција, инвестирање во енергетска ефикасност и зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени;
  • Справување со последиците од светската пандемија предизвикана од КОВИД – 19 и други кризи;
  • Успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија;
  • Унапредување на одбранбената политика во функција на развојот, независноста, територијалниот интегритет, безбедноста на граѓаните и колективната безбедност;
  • Обезбедување на владеење на правото и независност на правосудството;
  • Подигнување на квалитетот на образованието достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот, развој и унапредување на културата и спортот;
  • Професионална и ефикасна јавна администрација, поддржана со интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники;
  • Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија, врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување.
  • На денешната седница, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензиите за месец јануари 2023 година.

Задолжен е Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27.01.2023 година, при што се препорачува на деловните банки да обезбедат, пензионерите да може да располагаат со јануарските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 30.01.2023 година.

Се препорачува на деловните банки, преку филијалите и експозитурите на банките, да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи, според висината на пензијата и тоа:

  • за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 30.01.2023 година (понеделник);
  • за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 31.01.2023 година (вторник);
  • за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 01.02.2023 година (среда) и
  • за пензии со висина над 18.001 денари, исплатата да се изврши на 02.02.2023 година (четврток).

Владата, на денешната седница донесе и заклучоци во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност. Делегацијата, којашто во име на Владата ќе присуствува во црквата Свети Спас во Скопје и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе биде составена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

МОН: Јаневска – Францускиот јазик е дел од нашата историја, но...

0
Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен...