Министерот за економија Крешник Бектеши завчера оствари работен состанок со претставници од Националниот демократски институт (НДИ). На средбата присуствуваа Вишиот резидентен директор на НДИ Роберт Скот Хејзлет и Насер Бислими, програмски офицер.
На состанокот се разговараше за мерките и активностите кои ги превзема Министерството за економија за поддршка на домаќинствата и компаниите за справување со енергетската и економската криза и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
На состанокот беше договорено во наредниот период со поддршка на НДИ да се спроведе анкета и истражување на национално ниво за потребите и очекувањата на граѓаните и потрошувачите за економската ситуација во Северна Македонија, пред се за инфлацијата, растот на цените и трошоците за живот.
Резултатите од спроведената анализа потоа ќе бидат искористени од Министерството за економија и Владата за креирање на нов пакет мерки за граѓаните.
Министерот Бектеши на состанокот потенцираше дека Министерството за економија секогаш ќе го слуша гласот на граѓаните, а согласно резултатите од анализата и мислењето на граѓаните ќе се дизајнираат мерките за поддршка кои ќе се донесат после 30 април годинава.
Извор: Министерство за економија