„Секој граѓанин има право на пристап до информациите што се неопходни за да добие преглед за тоа како функционира системот, како се располага со парите на граѓаните, со буџетот и притоа да има можност да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за сите недоследности. Транспарентноста и отчетноста на институциите се несомнено најважните елементи во процесот на справување со корупцијата, но и во јакнење на интегритетот“, нагласи заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната презентација на Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор.
Станува збор за Упатство со кое, по иницијатива на вицепремиерката Грковска, Владата ги задолжи институциите да го почитуваат и проактивно да ги објавуваат податоците, а кое беше подготвено во соработка со Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени.
На подготовката на Упатството му претходеше анализа врз основа на која се утврди кои податоци граѓаните, медиумите, невладиниот сектор најмногу ги бараат преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Упатството дава приказ на податоците кои институциите треба да ги објавуваат, а кои согласно Закон не се класифицирани како заштитени информации. На тој начин, само со едноставна посета на официјалната веб страна на конкретната институција, ќе може да се има увид во потребните информации, наместо како до сега што се постапуваше по предвидената законска процедура која најчесто одзема многу време.
„Преку достапноста на информациите до јавноста ја зголемуваме контролата врз работењето на институциите, ги утврдуваме системските слабости, но и се врши значајна контрола врз начинот на кој се трошат парите на граѓаните.
Секако на овој начин се зајакнува и контролата на квалитетот на услугите што институциите им ги даваат на граѓаните. За прв пат имаме систематизиран документ кој дава точни насоки за институциите во однос на транспарентноста, со што се избегнуваат сите нејаснотии и дилеми кои за некои институции беа аргумент за непостапување“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска- Сачмароска ја поздрави иницијативноста на Владата и на вицепремиерката Грковска за унапредување на транспарентноста на институциите.
„Бидејќи институциите од јавниот сектор во рамките на своите надлежности создаваат голем број на податоци и информации, а работата на институциите се финансира од граѓаните, сите податоци (кои не се лични податоци, или пак класифицирани информации), им припаѓаат на граѓаните и треба да се објават, односно да се „отворат“ во формат на отворени податоци. Истражувањето кое претходеше на ова Упатство покажа дека во изминатите три години најголемиот дел на барања за пристап до информации од јавен карактер упатени до имателите на информации се однесуваат на прашања поврзани со: јавните набавки; финансиското работење на институциите -патни трошоци, дневни трошоци, користење на службени возила, бројот на вработените лица во институциите од јавниот сектор и лицата ангажирани по други основи, како и податоци за избраните и именувани лица“, нагласи Малеска- Сачмароска од Центарот за управување со промени.
Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева, истакна дека со активното и ажурно објавување на податоците, нашата држава ги следи трендовите и тековите на современите демократии, каде поднесувањето на барања за пристап до информации како една релативнo долга административна постапка, полека замира.
„Тоа се тие современи трендови кон кои треба да се стремиме сите ние во борба против корупцијата и градењето на демократско општество во кое владее правото. Само преку отворено, отчетно, транспарентно и одговорно работење ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите”, потенцираше директорката Бојчева.
Извор: Влада