Управата за јавни приходи во номинација меѓу седум државни институции е добитник на наградата ,,Владино решение во областа на онлајн услуги и плаќање за 2022 година“ која во рамки на манифестацијата ,,Избор на најдобрите во македонската е-трговија за 2022 година“ ја организира на Македонската асоцијација E – Commerce awards. Ова признание е од големо значење затоа што го потврдува настојувањето на Управа за јавни приходи да биде современа институција која ги користи технолошките можности за ефикасна услуга.
Управата за јавни приходи нуди широк спектар на е-услуги и за физички и за правни лица. На системот е-ПДД се регистрирани преку 800 илјади корисници физички лица, а од нив преку 500 илјади се корисници на апликацијата Мој ДДВ. Сите овие граѓани наместо да доаѓаат на шалтерите на УЈП своите права и обврски во смисла на електронско пријавување на доход остварен во земјата и странство, увид во годишната даночна пријава, увид за состојбата за исплата на Мој ДДВ и уште многу други поволности ги остваруваат онлајн. Правните лица на платформата e-Даноци во секое време имаат увид во даночната сметководствена евиденција, поднесуваат електронски барања за издавање на уверенија и потврди, електронски поднесуваат даночни пријави а преку системите МПИН и е-ПДД електронски поднесуваат пресметки преку кои истовремено се врши исплата на нето-доход и наплата на придонеси и данокот на личен доход. Порталот е-Аукции овозможува увид во активните аукции или слободни (комерцијални) продажби објавени од страна на Управата за јавни приходи, и преку истиот, регистрираните корисници можат и да наддават.
Во овие услуги спаѓаат и информации на веб страната на УЈП која ажурно известува за најновите измени на даночните закони, поставува обрасци, објавува брошури каде секој може одблиску да се запознае како правилно да ги примени одредбите од даночните закони, објавува информации за склучени договори со други држави заради избегнување на двојното оданочување, соопштува за најновите случувања во сферата на оданочувањата, и сите неопходни информации за даноците и начинот на регистрација на системите на УЈП. Повеќето државни институции при вршење на своите надлежности неопходни им се и услугите од УЈП.
Управата за јавни приходи постојано работи на унапредување на системите за целосна автоматизација и дигитализација на процесите со цел унапредување и поедноставување на услугите за даночните обврзници.
Извор: Управа за јавни приходи