Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија рече дека вратите на ЕУ се отворени, но дека на нас останува да ги завршиме обврските и да испорачаме резултати кои се во интерес на граѓаните и на економскиот развој на државата.
– Имаме добра подготвеност да го продолжиме процесот на преговори со ЕУ. Политичката поддршка и наклонетоста која ја имаме од земјите членки на ЕУ треба да ја искористиме сега и да го задржиме континуитетот на евроинтеграциите, додаде вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ истакна дека Северна Македонија ја спроведува Спогодбата во континуитет и во целост, со што е постигнато значително ниво на хармонизација на националното законодавство со правото на ЕУ.
– Сите тела на ССА се во редовно заседание што се потврдува и со овој состанок денеска. Согласно новата методологија за пристапни преговори телата на ССА – Советот, Комитетот и поткомитетите добиваат посебна тежина и важност бидејќи во рамките на истите ќе се следи динамиката на пристапните преговори со што ќе се прошири опфатот на темите за дискусија, напомена вицепремиерот Маричиќ.
За точката посветена на Економските критериуми, главниот преговарач со ЕУ рече дека ликвидноста и солвентноста на банкарскиот систем е солидна и стабилна.