Министерството за образование и наука информира дека до 26–ти март повторно е достапна можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право до сега.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.