Во насока на обезбедување на квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните, општина Илинден континуирано работи на опремување и модернизирање на јавните општински комунални претпријатија.
За поквалитетно одржување на јавната чистота, одржување на јавните зелени површини и паркови набавена е професионална опрема: моторни коси, бензинска косилка, моторна дувалка, телескопска пила како и тракторска косилка.
На промоцијата на новата опрема присуствуваше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека со континуираното модернизирање и обновување на опремата на јавните комунални претпријатија се овозможува поквалитетна, побрза и поефикасна комунална јавна услуга за граѓаните, но и придонес општина Илинден денес да биде една од најчистите општина во државата и во регионот.
ЈКП “Илинден” е ангажирано за собирање, изнесување и депонирање на комунален отпад од населението и индустријата, одржување на јавната чистота, чистење на јавни површини, уредување на паркови, зеленило, парк-шуми, садење на ниска и висока вегетација, уредување и одржување на улици, сообраќајници и пешачки патеки, одржување на јавно осветлување, стопанисување со спортските објекти на територијата на општина Илинден, како и оџачарски услуги и управување и одржување на гробишта.