spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКисела Вода: Со финале во одбојка, одбележан Меѓународниот ден на спортот

Кисела Вода: Со финале во одбојка, одбележан Меѓународниот ден на спортот

ООУ “Кирил Пејчиновиќ” е победник во финалето на одбојкарскиот турнир во рамки на возобновениот училишен спорт, кое се одигра денес, на Меѓународниот ден на спортот. Во финалната средба, ,,Кирилци“ предводени од најдобриот играч на средбата и на турнирот Марија Кузмановска, заслужено, со 2:0, славеа против своите врснички од ООУ “Круме Кепески”.

На настанот, присуствуваше и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој им честиташе на победниците и на сите за кои спортот претставува начин и култура на живење.

-Не постои подобар начин од тој -со спорт да се одбележи Интернационалниот ден на спортот и тоа со финален натпревар во рамки на возобновениот училишен спорт во Општина Кисела Вода. Затоа, на самиот почеток, сакам да ви честитам на сите кои сте денес тука, како и на сите спортисти и спортски работници во Република Македонија за кои спортот претставува култура на живење. Свесни дека спортот учи на вистинските вредности во животот, како што се дисциплината, истрајноста, почитување на противникот и правилата на играта, и дека тоа е универзален јазик кој треба да се учи од најрана возраст, Општина Кисела Вода активно работи на унапредување на условите за сите млади спортисти. Преку реализираните проекти во областа на спортот, како што е возобновувањето на училишниот спорт, овозможувањето на финансиска поддршка за талентираните спортисти и спортски здруженија и манифестации, инвестирањето во обнова и изградба на нова спортска инфраструктура, го подигнуваме спортскиот дух и го стимулираме развојот на масовниот и училишниот спорт-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

По завршувањето на средбата, на свечен начин беа доделени пехарите, медалите и дипломите на најдобрите. Во борбата за третото место со идентични 2: 0 во сетови, одбојкарките на ООУ “Партенија Зографски” славеа над своите врснички од ООУ “Рајко Жинзифов”.

-Денешното финале во одбојка има уште поголемо значење бидејќи не само што е прво по поголем застој во училишниот спорт во Кисела Вода, туку затоа што трибините се полни, а се игра коректно и спортски. Tалентите кои тука ги гледаме носат голем потенцијал за во иднина да го носат гордо македонскиот репрезентативен дрес и да се претстават себеси, Кисела Вода, но и цела Македонија пред светот, истакна градоначалниот Ѓорѓиевски, уште еднаш честитајќи го Меѓународниот ден на спортот и посакувајќи им многу титули на идните спортисти.

Инаку, во рамки на возобновениот училишен спорт во Општина Кисела Вода, оваа натпреварувачка сезона, осумте основни училишта, се натпреваруваат во четири спорта, одбојка, кошарка, футсал, и ракомет.

 

 

 

 

Извор: Општина Кисела Вода 

Прочитајте