Општина Кисела Вода издвои средства од својот Буџет кои нудат шанса за отпочнување на процес за темелна реконструкција на салата “Расадник”. Едногласно, на денешната Седница на Советот на Општина Кисела Вода, беше поддржана иницијативата на градоначалникот Ѓорѓиевски за создавање на финасиска конструкција која ќе овозможи реконструкција на ова, некогаш култно место за спортските вљубеници и нејзино преземање од управувањето од страна на централните власти.
-Еднакво важно со градењето е и одржувањето на спортскaта инфраструктура. Жално и недозволиво е спортски објект кој, не само за Кисела Вода, туку и за Скопје, е симбол на едни убави спортски времиња да биде жртва на децениска запоставеност. Во салата Расадник се калеле спортските легенди на “Вардар”, се уште се свежи сеќавањата на полните трибини од кои публиката имала можност да гледа врвна кошарка, одбојка, ракомет. На овој начин, сакаме да го започнеме процесот за враќање во живот на овој храм на спортот. Се надевам дека не само советниците кои денес едногласно ја поддржаа идејата, туку и сите наши жители се согласни дека сериозно треба да се зафатиме со реконструкција, но и со менаџирање на салата “Расадник”, која треба повторно да биде дом на спортот и расадник на идните спортски легенди-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Инаку салата “Расадник” се’ уште е во надлежност на Јавното Претпијатие за стопанисување со спортски објекти. Истото, во моментов, е под директни ингеренции на Владата и им задача да стопанисува со државни спортски објекти, како и да инвестира во нови спортски комплекси.
Извор: Општина Кисела Вода