Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на промоција на Поимникот за родово-базирано насилство извршено со (зло)употреба на технологијата, со цел едукација и подигање на свеста за насилството, но пред се подобро препознавање на насилството. Поимникот е дел од пошироката кампања Bodyright на Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА.
На настанот присуствуваа и се обратија Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Северна Македонија и директорот на УНФПА за Северна Македонија, Џон Кенеди Мосоти и други претставници на граѓански организации и институции.
Министерката Тренчевска истакна дека сите ние сме сведоци за ширење на говорот на омраза и сексизмот кон жените и девојките преку социјалните мрежи.
„Жените и девојките се цел на навреди, а нивните слики и видеа се подложени на понижувачки сексуални дејствија без согласност. Токму затоа наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените“, порача Тренчевска.
Министерката посочи дека, министерство изминатиот месец март, во рамки на кампањата „Гласна и храбра“, беше на терен во сите региони од државата, при што беа реализирани бројни средби и разговори со многу жени од различни ранливи категории со цел директно да бидат слушнати нивните предизвици кои ќе бидат инпут во креирањето на идните политики и мерки, а воедно и дополнувања на досегашните механизми.
„Нашата цел е обезбедување на посилна превенција од насилството, санкционирање на истото, но и работа со сторителите на насилство со цел елиминирање на можностите на повторување на истото“, посочи Тренчевска.
Република Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвеција). Потоа следеше носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство како прва активност во насока на имплементација на Конвенцијата. Овој е единствениот закон што го препознава сексуалното вознемирување преку интернет и го дефинира како – вербално, не вербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација.
Покрај ова законско решение, го имаме и Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за обештетување на жртвите од насилство, Кривичниот законик кои се правна рамка која превенира, заштитува и санкционира било каков облик на насилство врз жените вклучително и говорот на омраза.
„Бројките покажуваат дека 85 % од жените искусиле или биле сведоци на насилство во виртуелниот свет. За жените и девојките, но и за момчињата, ова понатаму значи дека поминуваат низ стигма, срам, значи дека се соочуваат со ситуација кога никој не ги слуша. Затоа ние, УНФПА, ja имаме кампањата bodyright – право на телото. Сакаме сите да знаат и да бидат свесни за тоа дека нивното тело е само нивно. Ние сакаме да имате „авторско право“ на вашето тело, дека за што и да се случува со вашето тело, вие сте единствените кои ќе дадете согласност за него. Тоа значи дека сите ние мора да бидеме свесни, мора да им дадеме вистинско име на работите (токму затоа го имаме Поимникот), за да може да го препознаеме насилството и мораме да оформиме партнерства, да се погрижиме за тоа дека секој/а е повикан на одговорност и на отчетност“, посочи директорот на УНФПА, Џон Кенеди Мосоти.